Поп пејачот Адријан Гаџа кој беше еден од најпопуларните музичари на нашата сцена од почетокот на 2000-та година, па се до пред неколку години кога тивко се повлече од сцената, преминува во угостители.
Нашиот евровизиски претставник од 2008 година, кој настапи со песната ,,Let Me Love You” заедно со Тамара Тодевска и Врчак и не успеа да влезе во финале, по многуте учества на музички фестивали и освојувањето на албанскиот пазар, пред една недела отвори ресторан во Скопје.
Локалот кој се простира на 300 метри квадратни се наоѓа во Бутел, а Гаџа му го дал името ,,Ча – Ча”. Станува збор за урбано катче средено според високи стандарди, а посетителите коментираат дека Скопје го добило најелитниот и најскап ресторан до сега.
-Дојдете ни како гости, заминете си како пријатели – е мотото на локалот. Околу тоа дали музичарот комплетно се повлекува од естрадата и ќе се посвети максимално на новиот бизнис, нема информација. Тој во изминатите години ретко дава интервјуа, а во последното, на почетокот на годинава, изјави дека никогаш не се знае дали наскоро ќе запее нешто ново за својата публика.