Словенечката авиокомпанијата „Адриа ервејс“ привремено ги прекинува сите летови од своите бази во Љубљана, Приштина и Тирана, а соодветно на тоа и сите летови до и од аеродромот во Скопје.
Адриа Ервејс ги советува патниците доколу патуваат на 24 и 25 септември задолжително да ги контактираат канцелариите од каде ги купиле авионските билети.
– Причина за привремениот прекин на летовите е последица на моменталната неликвидност на компанијата неопходна за непречено летање. Компанијата работи на изнаоѓање решенија во соработка со потенциален инвеститор. Целта на сите вклучени е Адриа Ервејс повторно да лета и дека прекинот на летовите е навистина привремен. Компанијата длабоко се извинува за ситуацијата на сите патници и партнери, се вели во соопштението од Адриа Ервејс.
Од Адриа Ервејс им препорачуваат на своите патници и партнери да ги следат онлајн соопштенијата на нивната официјална веб страница www.adria.si.
Авиопревозникот некогаш беше државен, но е приватизиран во 2016 година и продаден на германскиот фонд 4К Инвест.
Оттогаш ги продале сите свои авиони и ги дале во закуп, но медиумите посочуваат дека долгот се зголемува кон добавувачите, а според некои извештаи таа сума изнесува дури 60 милиони евра.
Државата Словенија не може да го спаси тој превозник, но покажа подготвеност да ги измени законите што ќе овозможат субвенционирање на клучните патишта.
Аеродромот во Љубљана исто така соопшти дека има план за итни случаи, но се уште не откриле детали.
Според медиумите, со таа одлука погодени се стотици патници кои резервирале летови, а судбината на вработените во „Адриа ервејс“ е неизвесна.