Аднан Азизи ќе биде шеф на изборниот штаб на ВРЕДИ за локалните избори

by Fokus

Пратеникот Аднан Азизи ќе биде шеф на Централниот изборен штаб на политичката платформа ВРЕДИ за претстојните локални избори, кои ќе се одржат во октомври оваа година. Одлуката беше официјализирана синоќа на настан во Скопје, на кој присуствувал и претседателот на Алтернатива, Зеќирија Ибраими.

„Денеска сме тука да го промовираме поставувањето на Централниот штаб на Вреди. Со овој орган уште еднаш потврдуваме дека Вреди се унифицира како заеднички субјект за заедничкиот настап на локалните избори наесен. За шеф на штабот на Вреди е веќе избран пратеникот Аднан Азизи“, изјави Ибраими.

Одговорајќи на новинарско прашање кога ВРЕДИ ќе биде формирана како партија, Ибраими рече дека за тоа досега дискутирале неколкупати.

„Тоа е прашање што има и правни работи, има и политички, но тоа е веќе помалку важно, бидејќи е во сферата на администрацијата. Вреди веќе функционира како еден заеднички субјект“, рече Ибраими.

Прашан кој е лидерот на ВРЕДИ, тој рече дека за тоа се уште не е дискутирано.

Поврзани новости