Адмирал Фого: НАТО во блиска иднина ќе и посака добредојде на Македонија

by fokus

НАТО го цени извонредниот напредок на Македонија и се надеваме дека во блиска иднина ќе ви посакаме добредојде како 30. сојузник во Северноатлантската алијанса, изјави денеска командантот на Здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмиралот Џејмс Фого, по средбата со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Тој изрази уверување дека посветеноста на другите 29 сојузници во НАТО кон колективната безбедност, ќе ја унапреди стабилноста и на Македонија.

– Последен пат бев во Македонија во 2004 година. Тогаш нашата визија за вашата земја беше Македонија да стане членка на НАТО и веруваме дека времето за тоа дојде. Во Скопје НАТО има Канцеларија за врски која тесно соработува со вашите власти, формирана е во 2002 година и дава совети во целокупниот процес за добивање полноправно членство во Алијансата, истакна Фого.

Командантот на Здружената команда на сојузничките сили во Неапол се заблагодари и за професионалниот придонес на македонските сили во Авганистан.

– Репутацијата на вашите сили секогаш е на завидно ниво, и секогаш е добро да бидете дел од нашите операции и мисии на НАТО надвор од земјата. Со задоволство го слушнав фактот дека размислувате за зголемување на вашиот придонес со сили во Авганистан или можеби на друго место во светот, рече адмиралот Фого.

Поврзани новости