Административците верни на партијата: Поради изборите намален интересот за патувања на 23 октомври

by irena 13:13
13:13

Туристичките агенции очекуваат потешкотии при минувањето на нивните туристички автобуси на граничните премини на земјите од Европската унија поради новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на ЕУ кој стапи на сила на 12 октомври. Според ЕЕС, државјаните на трети земји ќе мора да регистрираат отпечатоци и фотографии при влез во Шенген-зоната.

Во неделата, ЕУ започна постепена имплементација на нов електронски граничен контролен систем, познат како „Entry/Exit System (EES)“, кој подразбира земање отпечатоци од прсти и фотографирање на патници од трети земји пред да влезат во 29 европски држави.

Дел од македонските туристички агенции кои работат со организирање кратки неколкудневни аранжмани до Турција, Србија, Романија, Хрватска, Унгарија, Австрија и Италија очекуваат гужви и потешкотии при минувањето на границите, односно при влезот на туристите во некоја од земјите на Европската унија, но само на почетокот додека системот профункционира.

Оние патници кои патувале за Турција веќе имаат искуство затоа што пред ЕЕС, турските граничари ги слика странците кои влегуваа во земјата со цел да влезат во нивниот дигитален систем за контрола.

„ За ентри егзит системот (ЕЕС) имаше најави во текот на цела претходна година и тоа беше со цел патниците да си го предвидат подолгото задржување на граничните премини. Мислам дека нема да одзема многу време, но како и да е, на почетокот ќе има потешкотии. Секоја промена на ЕУ правилата за патување била таква“, велат за „Фокус“ од една позната туристичка агенција.

Но, не се очекуваат гужви веднаш, затоа што интересот за програмите за патување за 23 октомври, Денот на ВМРО бил намален поради локалните избори.

„Јавната администрација поради изборите не се решава да ја напушти државата и интересот е опаднат за 23 октомври“, додаваат оттаму.

Според Европската комисија, новиот дигитален систем има за цел да ги идентификува лицата кои го пречекоруваат рокот на визата, да се спротивстави на нелегалната миграција и да превенира измами со идентитет. Лансирањето на системот доаѓа како резултат на сè поголем политички притисок во многу земји на ЕУ за заострување на политиките за миграција.

“Секој државјанин на трета земја кој ја преминува надворешната граница ќе биде подложен на проверка на идентитет, безбедносни проверки и регистрација во базите на податоци на ЕУ“, изјави европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер.

Со примена на овој систем, недржавјаните на ЕУ ќе мора да ги регистрираат своите биометриски податоци при прв влез во Шенген-зоната.

Системот ќе важи за сите земји на ЕУ освен Ирска и Кипар, како и за Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн. За понатамошни патувања, ќе биде потребна само биометриска верификација на идентитетот.

Се очекува EES да биде целосно оперативен на 10 април 2026, кога традиционалните печати во пасошите целосно ќе бидат заменети со електронски записи.

О.К.

Слични вести