Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), Пеце Грујовски, денеска одговарајќи на новинарско прашање околу потпишувањето на колективен договор за администрацијата, посочи дека смета дека направиле солиден колективен договор што треба да биде потпишан до крајот на претстојнава седмица.
– Преговарањето за колективен договор за јавната администрација навистина трае малку подолго, причините се одредени бариери, дека не можат административците да имаат поголеми права затоа што се налепи таа етикета дека администрацијата е неефикасна, неработна, што апсолутно не е точна и ја демантирам, рече Грујоски.
Тој нагласи дека јавната администрација и пред и после избори е удар на партиите од едната и другата страна, поради што навистина е тешко да се бори за правата.
– Не може да се генерализира – „јавната администрација не е работна, не е ефикасна“. Исто како и сите вработени во другите дејности, секаде има работници и неработници. Има раководители кои тоа треба да го санкционираат и кои треба да ги наградат добрите работници, истакна претседателот на УПОЗ.
Тој потенцираше дека на општо задоволство на Синдикатот, колективниот договор што треба да се потпише обезбедува соодветни права за јавната администрација, но се разбира и обврски.