Државата нема да дозволи влез на мигранти, бидејќи тоа е политика и на сите држави во целиот овој регион, изјави денеска премиерот Оливер Спасовски. Тој информираше дека прогласена е кризна состојба и зголемени се силите на армијата и на полицијата на јужната граница.
-На основа на сите информации коишто ги добиваме од нашите служби, од партнерските служби, се следи ситуацијата. Сега засега е стабилно, немаме никакво зголемување на мигранти коишто би можеле да се обидат да влезат на територијата на Република Северна Македонија, меѓутоа ставот е дека ќе имаме нулта толеранција – изјави Спасовски, одговарајќи на прашање дали владата има план во врска со мигрантите по најавите дека Србија ќе ја затвори северната граница.
Тој потсети дека досега државата својата политика во однос на мигрантската криза ја градела на две основи – европската политика во делот на справување со мигранти и регионалната соработка.