Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми, рече дека и двајцата сега веќе поранешни пратеници на ДУИ биле добро третирани и носеле високи позиции, но дека и жали затоа што веста за овој пат што го одбрале поранешните сопартијци ја добил од медиумите, а не од нив. Тој даде ваква изјава откако вчера поранешниот потпретседател и пратеник на ДУИ, Изет Меџити, ги почна процедурите за отворање нова политичка партија и се откажа од сите функции во ДУИ.
„Жалиме што преку медиуми сме информирани дека наши двајца пратеници го избрале овој пат. Тие беа добро третирани во ДУИ, носеа високи позиции и институционална одговорност и имаа доверба во ДУИ за да бидат на таа институционална одговорност, така што за причините за нивното самоотстранување од ДУИ треба нив да ги прашате. Но, во мнозинството не се менува ништо бидејќи и без овие пратеници беа изгласани оваа влада и оваа владина програма“, рече Адеми.
Покрај Изет Меџити и Мерита Коџаџику, на новата политичка партија ѝ се приклучи и пратеникот Кастриот Реџепи, за кој Адеми вели дека тој дејствувал како независен пратеник и не бил пратеник на ДУИ, а кога го добил мандатот за пратеник, како што рече, бил на листата на СДСМ.