Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, или не знае како или нема намера да излезе од сенката на неговиот претходник, па затоа продолжува во негов стил. Вака министерот за дијаспора, Едмонд Адеми, реагираше во одос на изјавите на Мицковски дека иселениците не се тема на оваа влада. Според Адеми, ваквите оценки на лидерот на ДПМНЕ се неаргументирани, манипулативни и популистички.
-Оваа Влада наметна институционален и систематски пристап кон прашањето на дијаспората, и тоа директно преку назначување на Министер во владата задолжен за дијаспора, што не беше случај порано. Не знам дали имате кратка меморија или едноставно сакате да премолчите, но токму партијата на која Вие сте сега претседател беше главниот двигател на сите поделби и во државата, но и во дијаспората, притоа грубо злоупотребувајќи ја дијаспората за Вашите тесно партиски интереси. За разлика од Вас, ние наметнавме еден поинаков и посериозен пристап кон дијаспората, кој Вие, за жал, не го практикувавте во текот на изминативе десетина години – вели Адеми.
Тој додаде дека владата гради Национална стратегија за соработка со дијаспората, која се базира на институционална соработка, а не на поделби и манипулирање на дијаспората.