Денеска ќе се гласа за статусот на Охрид и по предлогот на Комитетот охридското подрачје да биде ставено на листата на загрозено светско културно наследство, потврди за НОВА, Министерот Едмонд Адеми кој е дел од македонската делегација на Самитот во УНЕСКО.
На дебатата пред два дена Адеми побара дополнителен рок до февруари 2020, за Владата да може да ги исполни сите препораки од УНЕСКО.
И охридскиот градоначланик Констанин Георгиевски кој исто така е во Баку очекува земајва да добие уште една шанса да се исполнат мерките за зaштита на Охрид.
-Од голем број земји членки на Комитетот, е констатиран напредокот во реализацијата на препораките. Се надеваме на поддршка и шанса, да продолжиме посветено и одговорно со реализација на мерките за заштита на Охрид и заедно да го зачуваме ова Светско наследство, напиша Георгиевски на својот ФБ профил.
За разлика од владините преставници, невладиниот сектор побара УНЕСКО без одложување да го стави Охрид на листата на земји со загрозено наследство.
Претставничка на невладиниот сектор од Австрија гласно побара УНЕСКО да не се повлекува и да ја потврди одлуката со која Охрид ќе се стави на црвената листа на земји.
Честитам на Комитетот кој даде јасна слика за ситуацијата во Охрид за сериозните закани за културното и природното наследство со кој Охрид се соочува со години. Со ваквата одлука меѓународната заедница ќе го вклучи алармот и ќе ја подигне свеста не само на политичките лидери туку и на бизнис заедницата и на граѓаните дека сегашната ситауција е спротивна на принципите на одржлив развој и на принципите за одговорно однесување со светското културно наследство. Ние сме убедени дека ако се усвои ваквата препорака УНЕСКО ќе ја преземе одговорноста да биде чувар на ова светско наследство“ кажа претставничка на невладина организација од Австрија на дебатата за охридскиот регион.
Претставниците на Комитетот на УНЕСКО и на Меѓународната Унија за конзервација на пририродата (IUCN) побараа Охрид да биде прогласен за загрзено наследство затоа што „најголем дел од препораките не се исполнети“. Тие потсетија дека за проблемите се алармирало уште од 2013 година, но наместо запирање на урбанизацијата, таа само се интензивирала и препораките се игнорираат повеќе од 21 година.
Претставничката на Меѓународниот совет на споменици и градови( ICOMOS) нагласи дека оваа мерка треба да се воведе итно за да се спречи уништувањето на културното и природното наследство и вредност.