Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Арбер Адеми во говорот на Петтата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Македонија (НКЕУ-МК) истакна дека земјата нема да претрпи никаква штета ако го исполниме условот за измена на Уставот и ги почнеме преговорите со ЕУ. Неговиот колега од Националниот комитет за европски прашања, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски рече дека главните политички партии во Македонија имаат консензус по прашањето за проширување на Унијата и побара овој процес да не се злоупотребува.
Адеми рече дека сме исправени пред еден голем предизвик што е поврзано со уставните измени и предуслов за отворање на кластерите. Лично, но тоа е став и на ДУИ, рече Адеми, „Република Северна Македонија нема да претрпи никаква штета ако го исполниме овој услов и во нашиот Устав се вклучат и други етнички заедници вклучувајќи ја и бугарската“.
Тоа, според него, треба да го направиме што е можно побрзо, ако навистина мислиме, а не само декларативно да го следиме европскиот пат.
-Поборник сум да обезбедиме широк, меѓупартиски државен општествен консензус. Сметам и длабоко сум уверен дека немаме право да се откажеме од зацртаните стратешки цели, кои се генерациски и не се во функција на дневната политика. Потполно ги поддржувам Владата и напорите на нашите институции да влеземе во ЕУ во 2030 година. Помалку да се бавиме со политика, а повеќе да се фокусираме кон реформите, рече Адеми.