Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, апелира дека е крајно време да се слушне гласот на судиите, бидејќи проблемите во правосудството не се решаваат со молчење.
„Најпрво, потребно е конечно да се слушне гласот на судството. Да се слушнат размислувањата и предлозите на судската фела. Проблемите не се решаваат со наметнување или пак со прифаќање на молк, напротив, аргументациите на судиите со интегритет и став се доволно гласни и јасни да укажат на состојбите кои ги кочат и идеите и процесите, посочи Адеми.
Таа истакна дека е недозволиво да се прават законски измени без нивна консултација.
,,Во оваа смисла, недозволиво е да се носат законски измени, кои се непосредно или посредно поврзани со судството, како што беше примерот со Кривичниот законик, без да се чуе мислењето на судиите.
Потребна е целосна вклученост на судиите во процесите во врска со измена на регулативата.
Тоа не само што предизвикува нетранспарентност на процесот, туку и несакани реперкусии од аспект на владеењето на правото. Но, независноста на судството се брани и со обезбедувањето на неговата финансиска независност“, истакна Адеми.
Таа се обрати на завршниот настан за препораките и Акцискиот план за подобрување на состојбите во правосудството, реализиран во рамки на проектот спроведен од Коалицијата „Сите за правично судење“ и поддржан од Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.
„Една од препораките ја нагласува важноста на осамостојување и зголемување на судскиот буџет, односно дека е потребно да се направат измени во позитивните прописи со цел реализацијата на судскиот и јавнообвинителскиот буџет да не зависи од претходно добиени одобренија и согласност од органи на извршната власт.
-Неспорно е додека судството е финансиски зависно од другите власти не можеме да говориме ниту за доследно почитување на уставното начело на поделба на власта.
Додека судството се бори со проблемот од недостиг на судии и судска администрација, не можеме да говориме за почитување на уставната и законската положба на судството.
Човековите ресурси се столбот на функционалноста и гаранција дека целите на судството, утврдени со Уставот и со законот за судовите ќе бидат исполнети онака како што наложуваат принципите на независно, ефикасно и отчетно судство“, псочи претседателката на Врховниот суд во своето обраќање.
В.В.