Со францускиот предлог е предвидено дека македонскиот јазик е заштитен сега и засекогаш. Македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на ЕУ, истакна на денешната прес-конференција координаторот на пратеничката група на Демократската унија за интеграција, Арбер Адеми по координација посветена на Информацијата за Предлог-преговарачката рамка.
Тој додаде дека токму поради противењето на Бугарија на јазикот досега го немаме потпишано договорот со ФРОНТЕКС.
– Ако се прифати предлогот веднаш ќе го потпишеме на овој јазик на кој што зборуваме сега јас и вие. На македонски јазик и ќе имаме за првпат таков договор. Ќе имаме документ со ЕУ каде што македонскиот јазик ќе биде заштитен сега и засекогаш и ќе имаме исто така договор за првпат на македонски јазик како дел од официјалниот јазик. За што сега ние зборуваме. Ако не се реши проблемот, ако не го прифатиме предлогот што ќе се случи? Пак ќе се оспорува нашиот јазик, нашиот идентитет од нивната страна, ние ќе бидеме изолирани како изолирано островче ќе пробаме да преживееме. Дали е тоа решение? Секако дека не е. Значи, ниту има проблем, ниту се оспорува македонскиот јазик и тоа се потврдува на документите, рече Адеми.