Адеми се сретна со директорот на Меѓународната организација за миграции

by fokus

Министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, на денешната средба со генералниот директор на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Антонио Виторино, што се одржа во Женава, го акцентираше усвојувањето на првата Националната стратегија на Република Северна Македонија за соработка со дијаспората и го запозна Виторино со четирите столба на Стратегијата, како и со активностите и проектите кои веќе се реализирани.

– Дополнително на тоа, се отвори можност за нови заеднички проекти кои Меѓународната организација за миграции (ИОМ) ќе ги поддржи, а кои произлегуваат од овој стратешки документ. Основа за соработката во иднина е и Меморандумот за разбирање потпишан во мај оваа година, соопштија од Кабинетот на Адеми.

Посочија дека министерот му упатил честитки на директорот на ИОМ за неговата нова позиција и се заблагодарил за досегашната соработка и експертска помош која ИОМ ја овозможи преку локалната канцеларија во Скопје, при целиот процес на изработка на Националната стратегија на Република Северна Македонија за соработка со дијаспората.

– Виторино му се заблагодари на Адеми за ИОМ, истакнувајќи дека соработката меѓу оваа Организација и Владата во различни области ќе продолжи и во иднина. Виторино потврди дека ИОМ со својата експертиза ќе поддржи и проекти, мерки и активности кои произлегуваат од Националната стратегија за соработка со дијаспората. Со ова е потврдена стратешката соработка со Меѓународната организација за миграции, како значаен партнер на Република Северна Македонија, наведоа од Кабинетот на Адеми.

Поврзани новости