Како долгогодишна судијка со професионална кариера градена низ судските скалила, свесна сум со предизвиците со кои ќе се соочам, но правната држава мора да има целосен и функционален систем, а тоа е еден од моите приоритети како претседател на Врховниот суд, каде ќе се гарантира правдата да биде достапна за сите граѓани и во државата да владее правото и правдата, како и почитување на слободите и правата на граѓанинот, изјави судијката Беса Адеми, која денеска пред Судскиот совет даде свечена заклетва како претседателка на Врховниот суд на Република Македонија.
– Се обврзувам пред јавноста заедно со моите колеги од Врховниот суд, како и со останатите судови за кои Врховниот суд има надлежност, да ја вратиме довербата на граѓаните во судскиот систем. Знаеме дека тоа е сложен долготраен процес, но ние сите сплотени заедно ќе работиме за да го забрзаме тој процес и да го унапредиме, изјави судијката Адеми.
Таа пред членовите на Судскиот совет даде свечена изјава со која, како што потенцира, се обврза дека функцијата претседател на Врховниот суд на РС Македонија ќе ја извршува совесно, чесно и одговорно и со тоа гарантира со нејзиниот личен и професионален интегритет.
– Како претседател на Врховниот суд на РС Македонија според статус и функција, прв судија меѓу еднаквите, во согласност со надлежностите предвидени во Уставот, Законот за судови, судскиот Деловник, како и Деловникот за работа на Врховниот суд, максимално ќе бидам посветена во извршувањето на претседателската функција имајќи предвид и фактот за незавидната состојба на нашето судство, рече претседателката на Врховниот суд Адеми.