Адеми: Нам ни припаѓа легитимитетот кај немнозинските заедници

by Fokus

Сега сме концентрирани на потврдување на резултатите од изборите. Тоа што нѐ радува е дека сме апсолутен победник со 19 мандати. Сметаме дека легитимитетот кај немнозинските заедници припаѓа кај нас.

Ова го изјави Арбер Адеми, шеф на изборниот штаб на коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ одговарајќи на прашање каква опозиција ќе биде ДУИ со оглед дека е извесно коалицирањето на ВМРО-ДПМНЕ со „Вреди“.

Според него, прашањето за легитимитетот е потврдено и во политичката теорија и преку пракса во хетерогените општества каде што, рече, треба да се има предвид и волјата на граѓаните кои не се мнозинство. Додаде дека „тоа е сржта на Охридскиот рамковен договор и на сите инструменти предвидени со тој договор, вклучувајќи го и Бадентеровото мнозинство или двојното мнозинство“.

Во однос на претензиите за влез во Влада на нивните опоненти од „Вреди“, Адеми рече дека тие самите изјавувале дека право за преговори во Владата има тој што има глас повеќе.

-Кажале дека тие што имаат глас повеќе имаат право да преговараат за идната влада. Тие, исто така, кажале дека ако добијат еден глас помалку би дале оставка и дека веќе ги верификувале тие оставки ако би изгубиле на избори. И самите нивни изјави додека траеше кампањата јасно потврдува кај кого е легитимитетот – кај победникот кај немнозинската заедница. Така што, како земја ни треба стабилност и разумност. Имаме многу прашања пред нас и големи обврски и затоа треба да имаме стабилна демократија и предвидливост во сите процеси што нѐ очекуваат, истакна Адеми.

Рече дека „не е ништо ново“ тоа што се обврзале со декларацијата околу уставните измени, одговарајќи на новинарско прашање зошто денеска ја објавиле декларацијата потпишана пред неколку месеци од претседателите на политичките партии во албанскиот политички блок дека нема да прифатат коалиција ако не бидат исполнети измени на Уставот.

– И самиот г. Таравари пред првиот круг на изборите во дебата со нашиот кандидат Бујар Османи рече дека имаме таков договор меѓу сите политички партии, треба да бидеме спокојни дека без уставни измени нема да има никаква влада, нема да учествува никој во таква влада. Но, сакаат да воспостават стандард за неодговорност за зборовите што ги кажуваме јавно и за секоја конкретна акција и делување. И за ова гледаме дека не постои одговорност кај опозицијата, додаде Адеми.

Поврзани новости