Оваа година во прво одделение одиме со тандем наставници за предметот физичко образование. Следната година прво и второ одделение, па третата година прво, второ, трето итн. Сукцесивно за пет години ќе се заокружи реформата како што е предвидено и со Законот. Ова го изјави министерот за образование и наука Арбр Адеми, по свеченото отворање на основото училиште „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец во врска со текот на оваа реформа.
– Рековме дека оваа реформа ќе почне да се спроведува сукцесивно согласно со Законот, така што во прво одделение јас со мојата рака потпишав согласности за сите училишта кои доставија барање за ангажирање на дополнителен наставник кој е квалификуван за одржување на таа настава. Денеска додека бев тука моите колеги ме информираа дека од Министерството за финансии веќе имаме позитивен одговор, зборувам сите училишта на национално ниво кои доставија барање до кај нас, рече Адеми.
Реформата „тандем-партнер наставници“, (одделенски наставник и предметен наставник на часот по физичко и здравствено образование) е предвидена од прво до петто одделение, а целта е подобрување на квалитетот на наставата по физичко образование, со цел унапредување на физичките способности, моторните вештини и знаења од областа на физичката и здравствена култура.
Во однос на дистрибуцијата на учебниците, посочи дека се одвива според динамиката која сме ја имале и секоја година и оти нема простор за загриженост.
– Тие учебници кои се обезбедени од наша страна преку постапка на откуп, тоа значи дека одредени издавачки куќи имаат ексклузивни права се додека учебникот има одобрение за употреба, тие веќе се обезбедени и дистрибуирани до сите училишта. На некои училишта можеби порано, на некои покасно, но јас верувам дека во текот на оваа недела ќе се заокружи тој процес. А за печатење, бидејќи имаме учебници за печатење, сега сме во фаза на постапка и евалуација на понудите. За брзо време ќе имаме електронска аукција за одредување на оператор, компанија, која ќе ги печати учебниците за кои Министерството ги има авторските права. Така што, оваа втора постапка не е спроведена неколку години наназад, рече Адеми.