Пред да се воведе како државен испит, екстерното тестирање ќе има пилот проект. Ова на отворената владина седница го изјави министерот за образование Абдилаќим Адеми.
Тој додаде дека државниот испит ќе се смета за положен со најмалку 60 отсто позитивни одговори, или ќе се смета за положен ако за најмалку 20 отсто од предметите постигнал најмалку 30 отсто од бодовите за секој предмет поединечно, но вкупниот збир на бодовите да не биде помалку од 60 отсто од вкупниот број предвидени бодови за сите предмети.
Државниот испит е замислено да сe полага во два дела, односно еден дел по втората академска година, а вториот дел во завршната година од студиите..
Првиот дел ќе ги опфати сите предмети кои до моментот на полагање ги има поминато студентот, а вториот дел ќе се однесува на сите предмети кои не биле опфатени во првиот дел. Ќе се полага во месеците март, април и август и септември за да не се поклопува со испитните сесии на студентите.
„На дебатите кои ги спроведовме беше предложено процентот на одговори да не биде ист од сите предмети, да може за одредени предмети процентот на положеност да биде понизок и тоа ги прифативме бидејќи сметаме дека тоа е олеснително за стдентите. 10 отсто од изборните предмети кои се од факултетот да не бидат опфатени во државниот испит“- рече Адеми.
Тој испушти да признае дека во дебатите немало место за Студентскиот пленум за да учествува со свои предлози и забелшки за концептот.
Прашањата, како што беше нагласено, на отворената владина седница, ќе бидат однапред познати и јавно објавени, а ќе бидат предложени од самите професори на универзитетите, а усвоени од управниот одбор.
„Во иднина предлагаме да има посебен регистар за сите дипломирани студенти во Македонија, од кога се формирани универзитетите, а исто така да има и регистар на нострифицирани странски дипломи“ – рече Адеми.
Потоа Владата со гласање го испрати предлогот за државен испит во Собранието на гласање во редовна постапка. Премиерот Никола Груевски рече дека изминатите два месеца имало јавна расправа за предлогот. Според владата, претставници на студентските парламенти сакале државен испит да има секоја година, за да им се олесни полагањето на студентите, а не двапати во текот на студиите.