Пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми, ги повика пратениците од владејачката коалиција да гласаат против измените на Законот за заштита од пушењето, кој се разгледува на денешната собраниска седница во скратена постапка.
Адеми зборуваше на македонски, обраќајќи им се на пратениците од СДСМ и им рече дека измените ќе предизвикаат поголема штета на граѓаните отколку придобивка.
-Доколку гласате „за“ за брзо време ќе бидеме приморани овие одредби да ги укинеме. Знам дека повеќе сте пушачи од непушачи, но не е до бројките. Да ви укажам дека правото да го загрозиш сопствениот живот е лично, ама да му го загрозиш животот и на тој што седи до тебе живее до тебе и работи со тебе.. Не е до законот, не е до правниот аспект, туку е до стандардите, вредностите, зошто да не и од моралот. Ви се обраќам со надеж дека ќе гласате против овие измени, ќе гласате за поздрав живот, поголем ред, поздрава средина. Не сум убеден дека ќе ми успее да ве убедам да гласате против, меѓутоа не можам, а да не укажам на овие моменти кои сите вие ги знаете, ги знае и јавноста и тие што прават анализи колку пушењето влијае врз здравјето, колку пушењето влијае врз процентот на заболени од рак. Дај да гласаме против – порача Адеми.