Потпретседателот и портпарол на ДУИ, Арбер Адеми, кој на прес-конференција пред Државната изборна комисија им се заблагодари на граѓаните кои се потпишале за кандидатурата на актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи за шеф на државата и ја повтори идејата претседателот на државата да се избира во Собранието.
„Ова барање ќе биде и по првиот, и по вториот круг на претседателските избори, и по парламентарните избори, како и при составување на владата. Така што, овие вакви и слични изјави сме ги слушнале и кога сме го промовирале концептот за прв премиер Албанец. Ама тоа се оствари. Ние мислиме дека ова е многу прогресивна идеја водејќи се од причини што веќе ги наведов. И заштеда на буџетски средства, но и да се спречи заморот на граѓаните од учеството и во собирањето потписи и во учеството на кампањата за функцијата претседател на држава. Имајќи предвид дека сме парламентарна демократија, логично би било претседателот на државата да се избере во Собрание“, рече Адеми.
Тој појасни дека со таквиот избор ќе се овозможи избор на претседател со целосен легитимитет, како заштеда на над 20 милиони евра кои се трошат од државниот буџет за организирање на непосредни избори за шеф на државата.
Според Адеми не е прогресивно ако се тврди дека една државна функција е резервирана само за една етничка заедница.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во повеќе навртаи се изјаснија дека не ја прифаќаат оваа идеја.