Аделина Тахири доби 2.000 евра за афирмирање на македонската музичка уметност!

by Fokus

Пејачката Аделина Тахири Марков е помеѓу уметниците на кои им се одобрени средства во рамките на годишната програма за култура.

За нејзиниот проект со назив ,,Унапредување и афирмирање на творечката и изведувачката македонска музичка уметност” нејзе и се доделени средства во висина од 124.700 денари, односно околу 2.000 евра.

Таа е една од 223-та музички уметници чии пријави од музичка и музичко-сценска дејност за 2022 година се прифатени од страна на Министерството за култура.

Пејачката која е сопруга на познатиот адвокат Серјожа Марков е доста популарна во јавноста и редовно објавува фотографии на кои се гледа нејзиниот раскошен стил на живеење, брендираната гардероба, како и патувања на привлечни туристички дестинации.

Како што известија од министерството, годинава Конкурсот бил реализиран преку електронска апликација, а во системот биле евидентирани 3.769 валидни пријави, поднесени од физички лица, здруженија, сојузи, асоцијации, трговски друштва, трговци поединци и други правни лица.
Предност се дала на домашната „жива култура“.

– Особено внимание е посветено на поддршка на проекти на млади, на проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби. Поддржани се и голем број проекти во кои до израз доаѓа интеркултурноста, а еднакво се водеше сметка за правичната застапеност по етничка основа и за родовата рамноправност-информираат од таму.

Буџетот за поддршка на проектите годинава изнесува 1.53 милијарди денари, односно околу 25 милиони евра. Резултатите од Конкурсот се објавени на страницата на Министерството за култура, а најмногу средства добија музичката дејност и издаваштвото.

Вики Клинчарова

Поврзани новости