Популарната британска пејачка и текстописец Адел (33), и покрај тоа што лани во септември откри дека е среќно вљубена во своето ново момче, спортскиот агент Рич Пол, му ја посвети песната ,,Ох, Господе” на поранешниот сопруг Симон Конецки.
За песната денес треба да биде објавен и видео запис, а според пејачката, нумерата е за Симон и нивниот развод, кој се случи во 2019 година, по седум години брак. Од бракот го имаат синот Анџело, кој се роди во 2012 година.
За разделбата со сопругот, за списанието ,,Вог,, раскажа дека го напуштила затоа што не била толку среќна во тој брак како порано.
-Ништо лошо не се случи, едноставно повеќе не ми одговараше. Би била мизерна ако не се ставам себеси на прво место- изјави таа пред неколку месеци, а новото момче, Рич Пол, го опишува како неверојатно забавен и паметен човек.
-Момците со кои бев порано го мразеа вниманието кога излегуваа во јавност со мене, беа под стрес. На Рич не му е грижа, не се лути-откри Адел.
Во интервјуто за ,,Вог” исто така открива дека нејзиниот син често пати ја прашувал зошто повеќе не живеат заедно со неговиот татко, а едно од прашањата за кое вели дека доста ја погодило било дали таа повеќе не го сака неговиот татко.
-Секако дека го сакам, само не сум повеќе вљубена во него, му одговорила.
Во изминатите две години, исто така го привлече вниманието на јавноста со драстичното губење на килограми и големата трансформација.
-Се работи за моето тело. Не сакав да споделувам детали и да објавувам се на Инстаграм околу ова мое патување. Го направив ова за мене, вежбам по неколкупати на ден, појаснува за промената.
Адел е една од најпродаваните музички изведувачи на светот, со над 120 милиони продадени плочи.