АД ГЕС -СКОПЈЕ е акционерско друштво формирано од Град Скопје кој е единствен сопственик на сите aкции на друштвото. Системот на управување е двостепен, а Собранието на акционери е Советот на Град Скопје.
Градот Скопје преку АД ГЕС-СКОПЈЕ ќе спроведува мерки за намалување на загадувањето на воздухот во градот кое е последица на затоплувањето на објектите, на среден рок преку развој и проширување на топлификационата мрежа, субвенции за приклучување, подобрување на енегетската ефикасност на објектите, намалување на потрошувачката на енергија преку управување и регулација, како и изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас.
Александра Маројевиќ, директор на АД ГЕС -СКОПЈЕ вели дека друштвото ќе стане единствен дистрибутер и снабдувач со топлинска енергија на подрачјето на градот Скопје. Друштвото ќе обезбеди иста цена за топлинска енергија и ангажирана моќност за сите потрошувачи по категории приклучени на топлификационата мрежа, независно во која општина и населба живеат или ја остваруваат својата дејност.
Понатаму, Градот Скопје преку субвенции за приклучување и вложување во енегетска ефикасност на објектите кои имаат намера да се приклучат на топлификациониот систем, ќе влијае на намалување на нивните потреби за топлинска енергија, а со тоа и соодветно намалување на трошокот за затоплување преку топлификациониот систем.
Со физичко и функционално поврзување на 3-те топлификациони мрежи, кои во моментов се одвоени, ќе се отворат можности за вложувања во нерегулирани извори на топлинска енергија со што ќе се создаде конкуренција и дополнително намалување на цената на топлинската енергија.
АД ГЕС – СКОПЈЕ преку своето друштво ГЕС СКОПЈЕ ГАС ДООЕЛ ќе стане и единствен дистрибутер на природен гас на подрачјето на град Скопје, како и снабдувач со природен гас на истото подрачје. Развојот на дистрибутивната мрежа на природен гас првенствено ќе биде планиран и изведен во зоните на градското и приградското подрачје каде нема топлификациона мрежа, а затоплувањето е претежно на дрва, јаглен и нафта.
Планираниот развој на гасоводната мрежа се очекува да опфаќа и комплетни решенија за потрошувачите со цел да им се обезбеди полесен пристап на овој еколошки систем.
Развојот на двете мрежи, топлификационата и гасоводната ќе биде контролиран и оптимизиран.
АД ГЕС -СКОПЈЕ, како друштво во целосна сопственост на Град Скопје, очекува да има олеснет пристап до грантови и кредити наменети за намалување на емисија на штетни материи во воздухот, за што друштвото е целосно подготвено кадровски и стручно да даде свој придонес.
Друштвото ги подготвува своите работни и стратешки документи како би било подготвено во наредната грејна сезона да ги остварува дејностите и целите за кои е формирано.