„ЕСМ снабдување со топлина” интензивно работи на подготовка на сметките-фактурите за топлинска енергија за октомври, како што информираат од компанијата, потрошувачите ќе ги добијат фактурите во следниот период со мало задоцнување, во однос на датумот кога претходно вообичаено ги добивале поради, како што велат, потребните технички подготовки за нивна изработка и ќе имаат соодветен рок за плаќање.
-Во рамки на подготовките на фактурите се одвиваат и подготовки на постапката за префрлање на податоците на потрошувачите, со што тие ќе се префрлат од претходниот снабдувач со топлинска енергија на сегашниот, ЕСМ снабдување, во законски определена процедура согласно Законот за заштита на личните податоци.
Од претходниот Снабдувач со топлинска енергија ќе се преземе целокупната база на податоци потребна за изработка на фактурите, вклучително и личните податоци на потрошувачите на централниот систем за греење како и сопствениците на станови и деловни простории лоцирани на подрачјето на општините каде ЕСМ снабдување има лиценца, посочуваат од компанијата.
ЕСМ снабдување со топлина, како што кажа, ќе им овозможи на граѓаните соодветен временски период за регулирање на обврската, и во тој период греењето непрекинато ќе се испорачува.
-Во врска со начините на плаќање на фактурите во ЕСМ снабдување, јавноста дополнително ќе ја известиме за сите детали, но во овој момент би напоменале дека интензивно се подготвуваме потрошувачите да ги имаат сите можности кои ги имале кај претходниот снабдувач како услугата електронска фактура, услугата брзо плаќање и EPAYуслугата.
Така, потрошувачите кои имаат склучено договор за наплата на фактурите за топлинска енергија преку траен налог, од матичната банка ќе добијат инструкции за постапување. Оние кои плаќаат преку електронско банкарство, во зачуваните шаблони односно ПП налози за плаќање ќе биде потребно да ја проверат и ако има потреба и да извршат промена на жиро-сметката од претходниот снабдувач и да ја внесат таа на ЕСМ снабдување која ќе им биде доставена со фактурите, рече Маројевиќ.
Нагласи дека веќе се дистрибуираат фактурите за август и септември за потрошувачите на „ЕСМ енергетика” кои доцнеа поради примена на финансиската поддршка од Владата за надоместување на разликата на цена на топлинската енергија. Тие ќе имаат соодветен рок за плаќање.