АД ЕЛЕМ и ЈП Паркови и Зеленило ги намалиле приходите, но го зголемиле бројот на вработени

by Фокус

Вкупните приходи на државната компанија за производство на струја Електрани на Република С.Македонија (поранешно АД ЕЛЕМ) во минатата 2018 година се намалиле за 15 проценти во однос на 2015 година, додека бројот на вработени во истиот период пораснал за 5 отсто, така што на крајот на годината изнесувал 4.754 лица, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации на финансиското работење на 30-те најголеми јавни претпријатија на централно и локално ниво во периодот 2015-2018 година.

„Сепак, претпријатието ја зголемила својата профитабилност благодарение на поекономичното работење и во 2018 година имал највисока профитабилност со стапка од 12,2 отсто“, се наведува во анализата, каде се посочува дека просекот на 30-те анализирани претпријатија изнесува 6,7 отсто.

Државната компанија за пренос на струја, АД МЕПСО, во наведениот период го зголемил бројот на вработени за 12,5 отсто, но приходите пораснале уште повеќе, односно забележан е раст од 17,4 отсто.

„Профитабилноста на претпријатието за 4те години е променлива и главно зависи од набавната цена на електричната енергија за одделни периоди. Највисока профитабилност претпријатието има во 2015 година (13,5 отсто), а најмала во 2016 година (3 отсто), додека стапката на профитабилност за 2018 година изнесува 6,4 отсто“, стои во анализата.

Јавното претпријатие за државни патишта, пак, за четирите години го зголемил бројот на вработени 15 отсто, но истовремено и приходите се зголемиле за 31 отсто. Инаку, ова претпријатие има висока профитабилност од 35,1 отсто просечно, односно 32,7 отсто за 2018 година, што е значително над просекот.

„Претпријатието ја влошува својата позиција во однос на добавувачите. Обврските ги плаќа просечно за 274 дена, но во 2018 година овој индикатор е значително полош и изнесува дури 458 дена“, стои во анализата.

Наспроти тоа, случајот со ЈП Паркови и зеленило е поинаков. Според анализата на ЦГК, ова претпријатие во 3 од анализираните 4 години работело со загуба во вкупен износ од 555.000 евра. Во исто време, пак, бројот на вработени е зголемен за 5,9 отсто.

Поврзани новости