АД Бетон го пролонгирал рокот за изградба на новиот објект на Народна банка до 2021 година

by Фокус

Новиот објект каде треба да се смести Народната банка нема да биде готов во актуелната 2019 година, како што првично беше предвидено, туку, според анекс-договорот што го склучила НБРМ со градежната компанија АД Бетон, која ги врши градежните работи, рокот на изведба се пролонгира за 18 месеци, односно до март 2021 година.

„Од страна на изведувачот е доставено барање за продолжување на рокот за изведување на градежните работи за дополнителни 18 месеци. Надзорниот орган и надворешното стручно лице се изјаснија позитивно и сметаат дека бараниот рок од 18 месеци е реален и дека за дополнителниот рок ќе ги заврши работите“, се наведува во образложението на централната банка, објавено на Бирото за јавни набавки.

Инаку, оваа државна институција кон крајот на 2016 година склучи договор со Бетон на Минчо Јорданов за изградба на објект во вредност од 24 милиони евра, но скоро една година подоцна двете страни склучија и уште еден договор во постапка со преговори без претходно објавување на оглас за заштита на градежна јама за изградба на новиот објект кој се наоѓа во близина на МНР, во износ од 200 илјади евра.

„При отпочнување на изведување на градежните работи се појавија подземни инсталации од водовод, атмосферска и фекална канализација, топловоден канал, високонапонски кабли и други подземни инсталации, од страна на улицата Филип Втори Македонски. За изведување на градежните работи-заштита на градежната јама, неопходно е да се предвиди и изведе заштита за да не дојде до хаварија“, стои во образложението за оваа дополнителна набавка за непредвидени работи, склучена во 4 очи.

Иако според првичниот договор се предвидуваше овој проект да биде финализиран до крајот на годинава, сепак, двете страни периодов склучуваат анекс-договор за продолжување на рокот за 18 месеци, односно до март 2021 година, во кој се наведува АД Бетон до крајот на годинава да ги предложи сите материјали и опрема согласно основниот договор, а до јули следната година да бидат изведени најмалку 54 отсто од работите. Во спротивно, овој анекс-договор ќе се смета за ништовен.

В.С.

Поврзани новости