Најпосакуваниот исход е украинскиот ад уште денес да престане, но сите знаеме дека тоа нема да се случи. Путин е предалеку отиден и нема шанса за враќање назад. Alea iacta est.
Пишува Јанаки МИТРОВСКИ
Украинскиот пекол зема замав. Русите сè пожестоко бомбардираат, Украинците сè пожестоко се бранат. Западот буцка и ја полни Украина со оружје. Пропагандната машинерија на Западот смета дека Путин веќе изгубил, бидејќи Украина не паднала за три дена. Не знам кои се руските планери на операцијата, ниту, пак, од такво нешто имам познавање, но веројатно не се луди да сметаат дека четириесет милиони Украинци ќе го положат оружјето и ќе се предадат.
Колку и да е прецизна, една воена операција зема жртви. Најчести се цивилите, а нивниот број почна да се качува. Разурнати се голем број објекти, паднаа и првите чеченски жртви. Русија за првпат призна жртви на нејзина страна, иако тие веројатно се далеку под 6.000 што ги брифира Украина. Како и да се врти, народот страда, а на политичките елити сите знаеме колку им е гајле за тоа.
ПАРАЛЕЛЕН УНИВЕРЗУМ
Во некој паралелен универзум, пак, се банираат руски репрезентации од натпреварувања, се забрануваат руски писатели и композитори, се отпуштаат руски директори во странство. Разбирам да се замрзнува имотот и средствата на Путин и неговите олигарси, кои се, всушност, неговите домашни лопови. Но, да ги забрануваш Достоевски или Чајковски е загуба, не за Русите, туку за тие што нема да ги прочитаат и чујат руските великани.
Во што е вината на руските репрезентативци и зошто и тие би требало да бидат забранети? Забраната на руските медиуми под превезот лажни вести и непријателска пропаганда не е ништо, освен тврд тип на цензура со опасни претензии да продолжат и во иднина. Колку и да се знае дека руските државни медиуми се ударна тупаница на руската пропаганда, нивното банирање е вовед во супертоталитарност во која е важна само НАШАТА вистина.
САНКЦИИТЕ СЕ НЕПРОМИСЛЕНИ
На Путин му е итна брза победа и под брза не се мисли на недела дена, туку на два до три месеци. Секое пролонгирање ќе биде погубно за руската економија. Но, и остварувањето на зацртаните руски воени цели нема да значи ништо на долг план. Освојувањето на Киев, па и целата земја нема многу да смени на долг план. И САД воено го поразија Ирак за четириесет дена, па се заглавија таму до ден денешен.
Санкциите се непромислени и луди особени за некој како нас, кој тоа не може да си го дозволи. Оваа војна ќе ја уништи кревката македонска економија, а генерално санкциите нема да имаат голем ефект затоа што и Северна Кореја е со децении под сурови санкции, па режимот таму е поодлепен и посуров од Путиновиот. Македонските земјоделци и сточари ќе имаат огромен пазар помалку, а на Артим и Спиро не им е важно дали е Путин на власт, или не, туку дали ќе бидат во состојба да си ги прехранат семејствата.
Најпосакуваниот исход е украинскиот ад уште денес да престане, но сите знаеме дека тоа нема да се случи. Путин е предалеку отиден и нема шанса за враќање назад. Alea iacta est.