Абу Даби: Невакцинираните ќе можат само во маркети и аптеки

by Fokus

Главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, објави дека голем број јавни места наскоро ќе бидат отворени само за лица вакцинирани против коронавирус, за да се натераат повеќе луѓе да се вакцинираат.

Владата на Емиратите објави дека од 20 август властите ќе започнат со ограничување на пристапот до трговски центри, ресторани, кафулиња, спортски активности, музеи, спортски сали, училишта и универзитети. Практично, ќе им биде забрането на невакцинираните лица да влегуваат во градот, освен во супермаркетите и аптеките.

Абу Даби веќе воведе систем на „зелена пропусница“, кој строго го регулира пристапот до местата за луѓето кои или се вакцинирани или имаат негативен тест.

Земјата сè повеќе го заснова своето брзо економско отворање на вакцинацијата. Владата наведува дека најмалку 93 проценти од населението примило барем една доза вакцина.

И соседниот Дубаи, воведе некои ограничувања, каде што само вакцинираните лица имаат дозвола да присуствуваат на масовни забави и спортски настани, но трговските центри и другите продавници се отворени и за невакцинирани лица.

Обединетите Арапски Емирати можат да се пофалат со една од најбрзите програми за вакцинација со 15,1 милиони дози дадени на девет милиони жители. Земјата најмногу се потпираше на кинеската вакцина „Синофарм“.

 

Поврзани новости