Состојбата со корона вирусот, но и неговиот британски вид, во земјава, никако не се смирува, а се чини дека епидемиолошката слика во Прилеп е крајно алармантна.
Има значителен пораст на новозаболени од средината на минатиот месец, а од ЦЈЗ Прилеп очекуваат дека тој непосакуван тренд ќе продолжи и во наредните месеци.
„Од почетокот на оваа година регистрирани се вкупно 1. 782 случаи, од кои повеќе од половината (1.083 или 55%) се во последните 3 недели. Во моментов активни се 733 случаи. Брзото ширење на вирусот меѓу другото можеме да го препишеме на присуството на Британскиот сој. Британскиот сој на вирусот во Прилеп беше докажан кај пациенти заболени во месец јануари, што укажува дека вирусот кај нас циркулирал и претходно, но од кога точно не можеме да кажеме, бидејќи сите потврдени случаи се автохтони, не патувале надвор од земјата и немале контакт со лица дојдени од друга земја. Значи, знаеме дека вирусот е присутен, но не знаеме во колкав процент. Од она што го имаме како ситуација можеме да заклучиме само дека е поприсутен одколку што е потврдено официјално“, ни истакнаа од Центарот за јавно здравје-Прилеп.
Како што додаваат оттаму, другата причина за забрзаното ширење на заразата, се и кафеанските дружби и семејните прослави, каде не се почитуваат никакви мерки и не се носат маски.
„Не можеме да следиме кој од кого и каде се заразил, бидејќи истовремено симптоми се јавуваат кај повеќе членови на семејство или учесници на некој настан. Во моментов најважно е заболените да се изолираат, исто така и нивните контакти, со цел да се намали трансмисијата на вирусот“, додадоа од ЦЈЗ Прилеп.
Од почетокот на пандемијата во Прилеп регистрирани се вкупно 5.858 заболени и 278 починати лица. Меѓу заболените во последниот епидемиски бран има се повеќе помлади лица, а меѓу починатите доминираат постарите возрасти- над 60 години.
Јорданчо Цветаноски