Со влезот во НАТО и ЕУ не нѐ чека мед и млеко, особено заради фактот што и во самите нив има политичко разногласие и различни нивоа на економската и општествена развиеност. Точно, во нив постои принципот на солидарност, но од нас самите зависи за какво место и за каква улога ќе се избориме во рамките на тие сојузи
Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Кому човек да верува!? Дали на амбасадорот на Р. Франција во Р.С. Македонија, господинот Кристијан Тимоние, кој во текот на изминатата година дена не пропушташе прилика да каже дека расчистувањето со криминалот и корупцијата во судството, обвинителството и извршната власт претставува носечки дел од критериумите за отворање на пристапните преговори со ЕУ или, пак, на последната изјава на амбасадорот на ЕУ, господинот, Самуел Жбогар, според кого ветингот во правосудството е последната опција за расчистување со криминалот и корупцијата во овие државни органи.
Се разбира дека станува збор за две различни и спротивставени изјави, дадени во два различна контекста на една иста политика нијансирана според потребите на актуелниот политички момент во кој се наоѓа и ќе влезе државата. Ако добро разбираме, во својата суштина пораката на европскиот амбасадор значи дека криминалот и корупцијата во правосудните органи не може да биде предизборна тема во иста мерка како и прашањето за определеноста за приклучувањето на земјата кон ЕУ и НАТО. Ако е за верување, тогаш ќе бидеме живи и здрави да дочекаме, по изборите, токму амбасадорот Жбогар да го актуализира и да биде постојаниот потсетник за спроведувањето на реформите и прочистувањето на правосудството од криминалите во него.
Дури тогаш ќе видиме и ќе бидеме сигурни дали има политички договор за манипулација со Р.С. Македонија и нејзините граѓани или, пак, станува збор за искрен и чесен пристап и посветеност за доследна примена на принципот на владеењето на правото и правната држава.
Но, кон таквата доверба за конзистентност во политиките на ЕУ кон Р.С. Македонија големо темно петно фрла нејзиното молчење кон постапките на културен, јазичен и цивилизациски геноцид што официјалната политика на нашата сосетка Република Бугарија го прави кон нас, нејзината „млада“ сосетка (или мислат невеста).
Не сум сигурен колку отвореното и грубо негирање на македонскиот јазик, историја, култура и национална самобитност е во согласност со универзалните човекови права и со актуелните човечки и политички вредности на Европската Унија!? Но, токму затоа, за нас Македонците таквото молчење на ЕУ и целосно затварање на очите пред антицивилизациските политики на една своја земја членка е крајно неприфатливо. Денес, кога веќе длабоко зачекоривме во дваесет и првиот век, враќањето на политиките на ниво на санстефанските позиции е неразбирливо,анахроно и спротивно на официјалната политика на било која нормална држава и цивилизиран човек.
СЕ БУДИ ИСТОК И ЗАПАД, СЕ БУДИ СЕВЕР И ЈУГ
На прв поглед тешко ќе се најде заеднички елементи на револтот и граѓанските штрајкови во кинескиот град Хонг Конг и францускиот град Париз. Но, ако добро се погледа под површината на појавното, ќе се воочи дека станува збор за исти политички причини чии изворишта, и во едниот и во другиот случај, произлегуваат од социјалното и економското незадоволство.
Од социолошко-политиколошка гледна точка полека но сигурно станува видливо дека процесот на глобализацијата влегува во својата завршна фаза, што значи дека барем за поголемиот дел од светот настапува фаза во која се` почесто и со поголем интензитет ќе се пројавуваат неговите негативни економски, социјални и политички содржини и димензии.
Станува видливо дека еден од главните нус производи на глобализацијата на технологиите, капиталот, суровините и пазарите е социјалната мобилност на работничката класа (сфатена во најширокиот дијапазон на нејзината социолошка определеност) во контекст на нејзината глобална интеграција.
Доаѓа време кога расните, верските, националните, половите и други меѓучовечки разлики и различности целосно или делумно ја губат својата историска вредност, а на преден план испливува техничко-технолошката вредност и употребливост на единката како учесник во процесот на производството(работник).
Доказ за таквото формално-правно признавање на таа глобална социјална мобилност и интеграција на работничката класа (работната сила) е новиот закон, кој во сила ќе стапи на први март 2020 година во СР Германија. Тој закон, како израз на „очајничката потреба на германското стопанство за квалификуваната работна сила“ (Ангела Меркел), не е ништо друго одошто прво јавно официонализирање на глобалните димензии на современиот „империјализам“ заснован и реализиран не врз воени, туку врз технолошки,економски и финансиски основи.
Крајниот резултат на тој современ техничко-технолошки, економски, финансиски (а во значајна мерка и организациски и информациски) „империјализам“ ќе биде економско, социјално и, над сѐ, демографско исцрпување и осиромашување на малите и недоволно развиените држави.
Со други зборови, движењето на капиталот и работната сила ќе оди од посиромашните кон побогатите, така што сиромашните ќе стануваат уште посиромашни, а богатите уште побогати, исто како што малите реки се влеваат во поголемите.
Она што е најстрашно во сиот тој процес е фактот што на него тешко може да му се спротивстават како политичките водства на одделни национални држави, така и самите носители на работната сила и нивните синдикални организации.
На крајот, како резултат на тој процес, ќе се појави состојба во која само по десетина-дваесет години, разликата и јазот во степенот на економската развиеност и општествена организираност ќе биде толку голема што социјалните потреси кои ќе произлезат од него можат да имаат погубни последици за цели држави и региони.
РАМНОТЕЖА НА СТРАВОТ
Во тој контекст, секако, треба да се има во предвид изјавата на претседателот на Француската Република, Емануел Макрон, за клиничката смрт на НАТО и потребата од воспоставување и изградба на европски вооружени сили.
Таа изјава е одраз на политичките, но и на економските потреби на двете доминантни земји во Европската Унија – Германија и Франција. Ако се знае колку пари се вртат и колку работни места опстојуваат во областа на воената индустрија, сосема е на место да се отфрли доминацијата на САД во однос на Европа. Последица на таквата политика (се разбира, ако успее) е дека по десетина години на европското небо нема да летаат „фантоми“, туку „Миражи“, а да не споменуваме за целиот оној арсенал и обем на вооружување што и е потребен на секоја воена сила, и, особено, на воена сила на политичка заедница во која живеат и работат над 500 милиони луѓе.
Јасно е дека во воената индустрија се вртат огромни пари од кои еден голем дел потекнува од буџетите на националните држави. Моќта на располагање, насочување и распределба на тие пари никогаш не била за потценување. Напротив, располагањето и употребата на тие пари од секогаш биле значаен извор на политичката моќ како на одделни поединци и групи,така и на цели држави.
Оттаму, на влегувањето на Р.С.Македонија во НАТО не треба да се гледа само од неговата поубава,розова,страна,туку од онаа од која сонцето никогаш не грее. Прво, треба да е јасно дека Р.С. Македонија не е загрозена безбедносно од никој кој не е членка на НАТО, Р.С.Македонија од три и пол страни е опкружена со земји членки на НАТО, а само во мал дел ја дели границата со Р.Србија која ниту е способна, ниту пак помислува на војна со оглед на нејзиното блиско трауматично искуство.
Треба да се има свест дека со влегувањето во НАТО сите граѓани, односно државата, од својот буџет ќе треба да трошат значително повеќе пари за „одбранбени цели“. Колку се тие неопходни и оправдани е друго прашање. Токму затоа нема потреба од еуфорија, туку од точни и јасни пресметки колку и како треба да ја организираме нашата економија и општество за да можеме да го извлечеме максимумот на корист од тоа пристапување на државата кон еден таков моќен воен сојуз.
Со влезот во НАТО и ЕУ не нѐ чека мед и млеко, особено заради фактот што и во самите нив има политичко разногласие и различни нивоа на економската и општествена развиеност. Точно, во нив постои принципот на солидарност, но од нас самите зависи за какво место и за каква улога ќе се избориме во рамките на тие сојузи.
Повеќе од извесно е дека во времето што доаѓа ќе биде тешко да се живее како нивна членка, но уште потешко, ако не и невозможно, ќе биде да се биде и опстане сам или пак надвор од нив. На таков заклучок упатуваат сите елементи на современите глобални верски, политички, социјални и економско-финансиски текови.За техничко-технолошката и информациската меѓузависност и условеност и да не зборуваме. Сами не можеме, затоа да одбереме барем пристојно и прифатливо друштво, свесни за сите негови добри, но и „темни“ страни.