Абракадабра, хокус покус преварантус

by Fokus

За изучување и успешно совладување на овие магиски вештини постојат малку школи, кои ги нарекуваат штабови, уписот и изборот на кандидатите е селективен и пристрасен, патот е тежок и обично боли грбот од виткање, а често и јазикот, но по завршувањето на курсот, се стекнуваш со титула мајстор на хокус покус преварантус

Звонко ДАВИДОВИЌ

Зборот е најмала јазична единица, која има значење и фонетска вредност, но надвор од лингвистичките, фонетските, морфолошките и семантичките толкувања, за што е пишувано и дискутирано многу, а што ние нема да го правиме во оваа колумна, туку ќе се задржиме на зборот како средство со кое се разбираме, разменуваме мисли, комуницираме.

Секако, некои луѓе едноставно не се разбираат од збор, што би рекле старите, или не се разбираат со зборови, па комуникацијата од вербална, станува мускулна и насилна, каде што зборот се заменува со тупаница. Дека е зборот многу важен и го одликува, дефинира човекот, кажува и една стара мисла дека зборот си е збор, или дека некој е човек од збор. Кога некој нема да го одржи ветувањето, обично се вика дека си го погазил зборот.

ЗА ШТО СЛУЖАТ ЗБОРОВИТЕ

Зборовите го опишуваат сето она што го гледаме, доживуваме и го чувствуваме и претставуваат можност тоа да му го пренесеме или опишеме на некој друг. Зборовите ни служат и за молитва, медитација, мантрање, досадување, озборување, а богами и за колнење и проколнување и изведување магии и волшепства.

Најстарите зборови што се користеле како волшебни зборови се абракадабра и хокус покус. Зборот абракадабра се користи уште од римските времиња како талисман, кој Серение Самоницие го забележал како треба да се користи во Книгата за медицина. Постојат различни толкувања што значи овој збор и од каде потекнува, но едно од толкувањата, кое за мене е најприфатливо, е дека потекнува од арамејската фраза „avra kedavra“. Оваа фраза читана од лево на десно значи „она што е кажано е направено“, додека ако се чита обратно, од десно на лево значи „она што е кажано, поминало“.

Вториот волшебен збор е хокус покус, збор кој се појавил во 17 век и на кој му се припишуваат уште потемни и злокобни својства. Зборот служел за претворање една ствар во друга и ја поврзуваат со извртен дел на католичката миса, претворање на лебот во тело Христово од зборовите hoc est corpus.

Истражувајќи ги овие зборови, ми стана јасно дека ние сме, не само најстар народ на Земјината топка, дека сме мајстори за искривување на реалноста и изумители на правецот на магискиот реализам, туку сме ти ние и народ на најголеми волшебници и магови.

На секои избори, политичарите и партиските лидери и кандидати за фотелја извикуваат абракадабра, убедувајќи го народот да го чита зборот од лево кон десно и дека сѐ што е кажано, ќе биде и направено, дека мед и млеко ќе потечат по изборите ако тие добијат, дека платата ќе биде повисока, животот подобар, судството независно и праведно, а тие, политичарите чесни.

Некои такви магови и волшебници дури ангажираа и гатачки за засилување на својата магиска моќ. По изборите, кога ќе си го сместат изморениот ’рбет од изборната трка и борба во фотелја со оној дел под ’рбетот, од кој им изникнуваат нозете, почнуваат да му се чудат на народот како тоа чита од лево на десно, наместо од десно кон лево.

Боже, каков народ, си велат во себе, каква неписменост и неукост, какви итарпејовци се ова луѓево, се обидуваат да ни стават нивни некои желби во наша уста, а ваму дури и страните ги мешаат. Од десно на лево се чита, повторно објаснуваат политичарите, извикувајќи абракадабра, што значи што е кажано поминало, минато е.

КОГА ПОЛИТИЧАРИТЕ ГИ МЕШААТ СТРАНИТЕ

Народот е затоа и збунет и веќе не знае што е лево, а што десно, ниту што е десница, ниту левица, ниту центар, сѐ некако исто. А дел од политичарите што ги мешаат страните, па ни самите не знаат која страна е на каде и каде, онака дезориентирани постојано ги појаснуваат своите неразбрани или лошо разбрани изјави од вчера, завчера, пред недела дена, а сѐ почесто ги толкуваат и ги објаснуваат и изјавите на партиските им пајташи. Народов како ништо не разбира, па му треба појаснување на изјавата, па појаснување на појаснувањето, па појаснување на појаснувањето на појаснувањето и така речиси цел мандат.

Вториот волшебен збор е уште помоќен и ако ти го направи некој овој хокус покус, слеп стануваш при очи, глув при уши, нем при уста и јазик и глуп при памет. Хокус покус извика оној анонимен, фантомски, мистериозен градител кај „Мавровка“ и види што се случи. Од дивоградба објектот го снема од Катастар, го снема од самото место, го снема од очите на градоначалникот на општината, од ушите на инспекцијата и устата и јазикот на Министерството и градоначалникот на Скопје.

Давид Коперфилд да се засрами и да дојде да учи, тој успеваше да снема слон, авион, ама толкава зграда и темели никогаш не му успеало. Што ти е магија, хокус покус и од дивоградба стана невидлива градба. Како тргнало, со уште еден добро изведен хокус покус, ќе стане и градба со одобрение. Моќна магија.

Уште еден случај ни потврдува дека овие две магични зборчиња се многу моќни и дека навистина едно претвораат во друго, а правилно кажани од силен волшебник може да направат и да ја снема стварта. Сите го видовме куферчето со милион евра ставени во чантата на оној Луј, ама Витон. Сите видовме дека и обвинителот виде, сите видовме дека еден судеа за чантичето на Луј со милион евра, ама некој силен волшебник прошепкал хокус покус и оп, го нема Луј, нема чантиче, нема милионче. Е ова е магија од највисок ранг.

Морам да кажам дека овие хокус покус не се препорачува да ги изведувате сами и дома, затоа што е опасно и никогаш не знаеш дали успеало ако не си волшебник од највисок ранг.

ВОЛШЕБНИКОТ СО АКМИСОТ

Еден што мислеше дека е волшебник доби три и пол години затвор затоа што хокус покус не му успеа со судските предмети и АКМИСОТ. Прво, не беше волшебник од највисок ранг, моќта на влијание му беше ограничена и неколку стотици предмети се преголем залак за чирак-волшебник.

За волја на вистината, хокус покус му успеа кај поединци што не видоа ништо во извештајот за АКМИСОТ, слепи при очи, молчеа за злоупотребата, неми при јазик и уста, беа глуви при уши кога ги прозиваа што не преземаат ништо и беа глупави при глава (за памет не сум сигурен дали имаат), кога се правеа недоветни што не вршеле контрола на АКМИСОТ, а требало и можеле да ја следат работата на АКМИСОТ во основниот кривичен суд. Уште поглупави се правеа кога по извештајот направија контрола и тврдеа дека сѐ е во ред. На што ли ќе се прават ако пресудата за хокус покус АКМИСОТ стане правосилна, па се побара повторување на оние неколку стотици предмети.

Уште многу успешни примери на овие два волшебни збора би можеле да опишеме и наведеме, но би траело многу, едно триесетина години, од укинувањето на едноумието, како што милуваат некои да кажат, односно од почетокот на безумието како што многумина го опишуваат процесот.

Но, она што треба да се каже е дека за изучување и успешно совладување на овие магиски вештини, постојат малку школи, кои ги нарекуваат штабови, дека уписот и изборот на кандидатите е селективен и пристрасен, патот е тежок и обично боли грбот од виткање, а често и јазикот, но по завршувањето на курсот се стекнуваш со титула мајстор на хокус покус преварантус.

 

 

Поврзани новости