Абортусот е женски криминал, жената која менува љубовници е лесна – скандалозни лекции по Социологија за 16-годишни деца!

by fokus

Родители на ученици во втора година гимназија, кои деновиве го разлистале учебникот по Социологија, останале изненадени од дел од материјалот кој што нивните деца го изучуваат на училиште. Имено, станува збор за лекциите на тема криминал.

-Она што му дава на женскиот криминал специфични својства е тоа што постојат исклучиво женски ( абортусот и чедоморството) – пишува во учебникот, со што на учениците им се става на знаење дека абортусот е криминал, иако можноста за прекинување на бременоста во земјава е дозволена со закон, а од Министерството за здравство неретко порачуваат дека одлуката за прекин на бременоста е право на жената и никој тоа не може да и го одземе.

Сепак, со лекцијата по Социологија, се наметнува заклучокот дека жените кои се одлучиле за абортус поради некоја причина, сепак се извршители на женски криминал. Подоле во лекцијата е појаснето дека жените учествуваат во криминал во помал процент, бидејќи се поплашливи, повоздржани, чувствуваат одвратност кон злосторствата и имаат појака психичка структура од мажите. Овде не завршува етикетирањето на жените.

Во истата лекција е наведено дека жената која што менува љубовници е лесна жена. На истата тема, околу тоа како се нарекуваат мажите кои што менуваат љубовници, нема појаснување за учениците.

-Најчеста појава предизвикана од несоодветното однесување на поединците во општеството е криминалот. Тој се разликува од другите облици на девијантно однесување затоа што при криминалното однесување се прекршуваат законските норми, што не е случај со другите девијантни појави каде се прекршуваат моралните норми. Така на пример, една жена која има желба често да ги менува своите љубовни партнери, заедницата ја нарекува неморална, лесна жена итн… – пишува во лекцијата за криминал.

Автори на учебникот по Социологија за втора година средно образование се Гордана Трајкова – Костовска и академик Димитар Мирчев. Истиот е одобрен за употреба во 2002 година со Решение на Министерството за образование и наука.

В.К.

Поврзани новости