По сексуално злоставување, 13-годишна ромска девојка вчера морала да абортира откако забременила се наведува во соопштението на Европскиот центар за правата на Ромите. Според нив, таа била изложена на сексуално злоставување како штитеничка на државната институција за згрижување деца „25 Мај“ во Скопје.
ЕЦПР ги повика надлежните веднаш да реагираат и на оваа девојка да ѝ обезбедат соодветна медицинска грижа за да се осигура нејзиното психолошко и физичко здравје и безбедност, како и да се врати на нејзиното ромско семејство од кое била принудно одземена во 2012 година поради сиромаштија.
„Девојчето е трауматизирана по постапката на којашто на родителите не им било дозволено да присуствуваат, спротивно на нејзината искажана желба. Надлежните институции не преземале никакви мерки да ѝ помогнат на неа и на нејзиното семејство за да излезат од сиромаштија, ниту пак го признале сопствениот неуспех да ја заштитат малолетничката од сексуално злоставување додека престојувала во државна институција“, велат од ЕЦПР.
На 1 март 2017 година, ЕЦПР добиле информација од нејзините родители дека девојчето исчезнало од домот „25 Мај“. „Одговорните лица не го пријавиле нејзиното исчезнување ниту во полиција, ниту на нејзините родители. Според нејзиното сведочење, пред откриеното сексуално злоставување на ромски девојки под државна заштита во Македонија, девојката била принудно земена од страна на постар маж од институцијата, кој со возило ја одвел во неговиот дом во друг град. Таму, таа била принудена на сексуални односи и физичка работа. Успеала да избега по 30 дена и да се качи на автобус за Скопје каде полицијата ја нашла на Бит-пазар“, наведуваат од организацијата.
Како што додаваат од ЕЦПР, „девојчето опишало дека претходно било однесено во „детски летен камп“ во Струга, заедно со други деца од државниот дом за згрижување. Таму, непознат маж сексуално ја злоставувал, пред да биде вратена назад во Скопје. Кога ги пријавила овие злоставувања кај згрижувачите од државната институција, била обвинета дека лаже и дека ги измислува настаните“.
Потоа, како што се наведува во соопштението, девојчето било пренесено во друга државна институција за згрижување „Ранка Милановиќ“ во Скопје, каде открило дека останало бремено како резултат на сексуалното насилство.
„ЕЦПР доби слични сведочења од две ромски сестри кои се исто така штитенички на домот за згрижување деца „25 Мај“, на возраст од 16 и 13 години. И тие често исчезнувале од домот за згрижување деца, и на сличен начин, нивните исчезнувања не биле пријавени во полиција или на родителите. Според нивните искази, постар маж кој се идентификувал како вработен во Центарот за социјална работа ги земал од домот за згрижување и ги однел на старата железничка станица во Скопје, каде врз нив извршил сексуално злоставување. Нивната мајка го пријавила случајот во полиција и ги однела на гинеколог, кој заклучил дека девојките навистина биле жртви на сексуално насилство“, се вели во соопштението.
Врз основа на овие три случаи, ЕЦПР ги поддржува родителите на овие девојки во покренување судска постапка против државниот дом за згрижување деца „25 Мај“, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа и Министерството за труд и социјална политика. „Исто така, вложуваме напори сестрите да бидат вратени на нивната мајка, како што е наложено во судската одлука од 26 јануари 2018 год. Центарот за социјална работа одбива да ја почитува оваа одлука на судот и ЕРРЦ поднесе жалба пред Министерството за труд и социјална работа“, наведува организацијата.
„Во најдобар случај, одговорните лица од овој дом за згрижување деца биле небрежни во однос на сексуалното злоставување што се случувало таму, а во најлош случај, тие се соучесници во делото“, рече претседателот на ЕРРЦ, Ѓорѓе Јовановиќ, според кој „овие девојки и нивните семејства се исклучително храбри во нивните напори да ги изведат пред суд одговорните кои дозволиле ова да се случува.
Според барањето за слободен пристап до информации што го испрати ЕЦПР, две третини (22 од вкупно 32) деца кои се штитеници на домот за згрижување деца „25 Мај“ се од ромско етничко потекло. Доказите за систематско сексуално злоставување на ромските деца во оваа институција упатуваат на фактот дека сите овие деца се во опасност сè додека властите продолжуваат да го игнорираат она што се случува. Македонската влада продолжува да ги виктимизира ромските семејства кои живеат во сиромаштија со тоа што не успева да поведе истрага за нивната добросостојба и со тоа што останува слепа на злоставувањата. Во меѓувреме, во Скопје денес има една уплашена 13-годишна девојка на која ѝ потребна итна медицинска, финансиска и семејна поддршка поради неуспехот на државните институции за згрижување да ја заштитат, апелираат од ЕЦПР.