Македонскиот државјанин, 49-годишниот Абдул Јашари од скопски Чаир, кој со години се бори во Сирија, како командант на екстремистичката група „Џемати Албан“, од неодамна станал министер во новата сириска влада, формирана по падот на режимот на Башар Ал Асад. Информацијата ја објави и агенцијата Ројтерс која се повикува на извори од сириската влада.
Абдул Јашари е познат и како командант Абу Ал Албани. Најновите вести за него, пак повторно го актуелизираа прашањето, дали пред повеќе од една деценија, поточно на 12 април 2012 година Јашари бил во Македонија? На овој датум се случи масакрот кај Смиљковско Езеро, кога беа убиени четирите момчиња и рибар.
Уште пред неколку години неделникот „Фокус“ пишуваше дека тој е истиот лик кој, случајно или не, беше споменуван на судењето за случајот „Монструм“.
За жал, никогаш не беше разоткриена неговата улога во велигденскиот масакр, но потсетуваме на сомнежите кои тогаш се поврзуваа со неговите лик и дело.
Фактите се дека Јашари за време на истрагата бил посочен како лик кој наводно бил на местото на злосторството, но и покрај тоа тој никогаш не се најде меѓу обвинетите.
Поточно, за време на истрагата, загрозениот сведок „Е1“ сведочел дека, освен неколкумина од обвинетите, кај Смиљковско Езеро го видел и Јашари.
Сведокот пред себе имал 48 фотографии, а тој требало да ги препознае учесниците во грозоморниот чин. Тој рекол дека ги препознал ликовите под број 2, 11, 17 и 29, односно ги видел кај Смиљковско Езеро.
Според тогашното појаснување од адвокатот Насер Рауфи, сведокот наводно препознал двајца од обвинетите. Но, на фотографијата со број 11, иако бил ликот на озлогласениот криминалец (осуден за друго убиство) Алмир Дрпљанин, сведокот за него рекол дека е обвинетиот Агим Исмаиловиќ.
И четвртиот лик кој наводно го препознал е Абдул Јашари, кој исто така не беше опфатен со обвинението. Токму затоа одбраната побара да се најде Абдул и да се повика како сведок, но тоа не беше сторено.
Како што неофицијално дознаваме, подоцна кога случајот премина во рацете на СЈО, се правеле напори да се истражи можната улога на Јашари во овој случај, но не бил најден друг доказ за негова вмешаност освен препознавањето од сведокот.
Па така, и до ден денес останува мистерија дали сведокот навистина го видел Јашари на местото на злосторството, или сепак направил грешка.
Пред неколку години Јашари се најде и на американската ,,црна листа”.
Валентина Вурмо