Абдали

Во политичка конотација, пак, поминувањето на „техничката грешка“ би била вовед или враќање, како сакате, во темно време Грујово, кога имаше силна пракса на казнување новинари и политички неистомисленици, токму преку злоупотреба на клеветата и навредата за политичка пресметка

by fokus

Јанаки МИТРОВСКИ

Критиката не е навреда абдали! Абдал е навреда!Роберто Беличанец

Бидна и тоа, Mинистерството за правда, за време на министерувањето на исклучително слабиот министер Маричиќ поднело предлог-закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда, согласно кој во законската дефиниција како клевета и навреда, inter alia ќе се смета и изразено негативно мислење. Новиот министер најави дека ќе ги повлече спорните одредби, но јас сум цврсто убеден дека интенцијата на екс министерот е јасна – цензура!

Да не беа социјалните медиуми, па потоа и меинстрим медиумите, веројатно немаше да дознаеме за овие предлог-измени сè додека не стане предоцна, односно кога веќе ќе биде изгласан супер спорниот предлог. Веднаш по реакциите на јавноста и фелата, Mинистерството за правда, сега водено од професор Тупанчески најави тргање на оваа одредба, па останува да видиме.

Токму од профа очекувам многу во овој ресор и му посакувам многу среќа во политичко-бирократските лавиринти, иако сметам дека не му беше потребна оваа екскурзија при крајот на својата академска кариера како професор на Јустинијан. Нејсе, се надеваме дека нема да потклекне на партијашки бараби, бидејќи ресорот што го води е задолжен за најслатката награда на секој партијаш – македонското правосудство во распад.

Добро е што ваквата дефиниција нема да помине, бидејќи ќе продуцираше сериозни проблеми и наплив од тужби и во политичкиот и во граѓанскиот сектор, па и меѓу обичните граѓани. Колку и дебилно да звучи тоа, буквално ќе можете да тужите, или да ве тужат дека некому сте му замериле за фризурата.

Во политичка конотација, пак, ова би било вовед, или враќање, како сакате, во темно време Грујово, кога имаше силна пракса на казнување новинари и политички неистомисленици, токму преку злоупотреба на клеветата и навредата за политичка пресметка.

Ова го велам бидејќи е факт дека оваа „грешка“ не е вметната за Јанко и Петко, туку за политичките велможи, кои ќе ја користат како алатка за политичка и медиумска пресметка.

Доколку предлогот помине (бидејќи чинам сè уште не е изменет), тоа ќе ја доведе Македонија до една општа турцизација, султанизација на кабинетот на премиер, а Зоран Заев веројатно ќе биде Великиот везир, кој родум е наш, ама решил да прејде кај Османлиите. Од тие причини, исправна е реакцијата на фелата, неколку етаблирани адвокати, но и новинарските здруженија, кои побараа итно повлекување или преработка на спорниот член.

ДПМНЕ се огласи со критика, но тие се последни што може да критикуваат вакви работи. Стареам, но сè уште сум доволно млад да се сеќавам на нивните зулуми во новинарството и јавниот дискурс.

Поврзани новости