Абазовиќ: Можно е, но немаме потврда дека кибер нападите врз црногорските институции ги координира Русија

by fokus

Црногорскиот технички премиер Дритан Абазовиќ ги демантираше наводите на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) дека Русија стои зад честите и моќни кибер напади врз институциите во земјата.

Премиерот на владата со технички мандат во интервју за подгоричкиот весник „Вијести“ изјави дека нема потврда за тоа.

„Ми се чини дека тоа беше избрзан став на дел од институциите на системот, вицепремиерот и на АНБ дека зад тоа стои Русија бидејќи ние немаме официјална потврда за тоа, ниту нашите меѓународни партнери можеа тоа да го потврдат или демантираат“, рече Абазовиќ во интервјуто.

Запрашан врз основа на што тие извеле таков став, Абазовиќ кажа дека тоа било политички мотивирано.

„Мислам дека од страна на политичарите тоа беше политички мотивирано, а од страна на Агенцијата, како што ни објаснија, укажувало на методите како тоа се работело во некои други земји. Но, ако излезете со груб став, особено во контекст на се што се случува во Украина, мислам дека е малку избрзано“, рече Абазовиќ.

АНБ претходно соопшти дека ИТ структурата на владата е под силни кибер напади координирани од руски служби.

Премиерот во заминување кажа и дека и пред формирањето на малцинската влада имало кибер напади и пријави за поставени бомби во училиштата и дека имало голем притисок врз безбедносниот сектор дека е неспособен, дека не може да открие , на крајот испадна дека тоа го правеле и малолетници.

„Не можам да кажам дека и сегашниот напад е бениген, но почна веднаш по изгласаната недоверба на владата“, рече Абазовиќ во интервјуто за подгорички „Вјести“.

Поврзани новости