Абазовиќ: Мора да се испита како Ѓукановиќ го стекнал првиот милион!

by Фокус

Вршителот на должноста премиер на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, коментирајќи го договорот меѓу Белград и Приштина, истакна дека тој има исклучително добри импликации за сите во регионот.

-Постигнувањето договор меѓу Косово и Србија има исклучително добри импликации за сите во регионот – изјави тој за ТВ Клан Косово.

Абазовиќ додаде дека би било многу добро да се постигне конечен договор.

-Како некој кој е навистина пријател, брат, мислам дека би било одлично да се постигне конечен договор – заклучи Абазовиќ, кој ја посети Приштина.

Претходно, тој рече дека раката на правдата во Црна Гора замавна, прашање е само за нејзината брзина. Тој во интервју за телевизијата БиХ рече дека ќе се види дали раката на правдата оди кон претседателот на Црна Гора во заминување, Мило Ѓукановиќ.

-Гоневме луѓе од врвот на судството, од врвот на обвинителската организација, неодамна од врвот на полицијата. Веројатно ќе се гонат и луѓе од политичката сфера. Во секој случај, раката на правдата тргна и прашање е само нејзината брзина. Веќе не е прашање дали таа ќе пристигне. Ќе видиме дали ќе оди и кај господинот Ѓукановиќ. Тој не може да се изземе од правниот поредок на Црна Гора – рече Абазовиќ.

Според него, со оглед на тоа што тој беше политички лидер на Црна Гора 30 години, прашање е дали бил доволно способен целосно да се исклучи од сето она што го правеле луѓето околу него.

-Не знам, не сакам да шпекулирам. Само сакам да кажам дека државното обвинителство има одврзани раце да работи согласно законот кон сите. Она што е малку спорно во јавноста е начинот на кој Ѓукановиќ го доби тој фамозен прв милион. Тоа е нешто што мора да добие епилог. Не кажувам ништо дека некој е виновен или не, но првиот милион е оспорен. Ако испадне онака како што сите очекуваат, многу полесно ќе се докажуваат другите милиони – изјави Абазовиќ.

Поврзани новости