Речиси цела недела Обвинителството за организиран криминал и корупција и главниот обвинител Ислам Абази молчат и не покренуваат истрага за младиот Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат од најголемата опозициска партија, „на сите им е чудно како Дрин Ахмети добил 39 проценти од деловниот објект ТЦ Соравија вреден 30 милиони евра, без еден денар влог, а само на обвинителот Абази не му е чудно“.
-Ислам Абази кој е близок пријател на семејството Ахмети, а и често е во друштво со лидерот на ДУИ, Али Ахмети и таткото на Дрин, Фекри Ахмети. Во држава како Македонија во која криминалот и корупцијата се во секоја пора на општеството, не постои човек кој така дава дури 39 процени од деловен објект кој вреди 30 милиони евра. Институициите за овој скандал молчат и бегаат, а кланот Ахмети прави милиони. Затоа ДУИ мора да замине во опозиција час поскоро, побараа од „Белата палата“.
Внукот на лидерот на ДУИ соопшти дека „Соравија“ има долг од 20 милиони евра и дека во проектот влегува со неговите партнери, Владимир Пјетерѓокај, сопственик на „PE-VLA-KU SH.P.K“.
-Не се мои пари, туку земав кредитна линија од страна на тиранската банка Кредис каде што свој удел има албанскиот партнер Пјетерѓокај. Ова е добар проект и затоа одлучивме да им дадеме 6 милиони евра. Со тие пари не може да се врати долгот од 20 милиони, но ние го земавме долгот на себе, кажа Ахмети на прес-конференција.