Андов за Фокус: Џафери може да ги свика блокираните комисии

Кога јас бев претседател, сум свикувал комисии кои биле блокирани, а една од нив беше токму онаа за избори и именувања, вели првиот спикер.

by Фокус

Првиот претседател на повеќепартиското Собранието Стојан Андов тврди дека актуелниот спикер Талат Џафери може да ја свика Комисијата за избори и именувања, како и другите блокирани работни тела, кои станаа целосно дисфункционални откако опозицијата го презеде мнозинството по излегувањето на Беса од власта.

Доколку има волја, претседателот Џафери има деловничка можност да ги свика овие комисии, со образложение дека се блокирани и нефункционални. Кога јас бев претседател, имаше иста ваква ситуација со блокирани комисии, и јас сум ги свикувал и деблокирал, a една од нив беше токму онаа за избори и именувања – вели Андов во изјава за Фокус.

Како што веќе пишувавме, откако Беса го напушти парламентарното мнозинство, се блокираше работата на 7 собраниски комисии, вклучително и на Комисијата за избори и именувања, каде практично мнозинството го немаат СДСМ и ДУИ со новиот партнер – Алтернатива, туку го контролира опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Беса…).

Поточно, опозицијата има мнозинство во комисијата со надлежност да поднесува предлози за именувања, односно за разрешување на функционери кои ги избира Собранието, со пратеникот на Беса Фадиљ Зендели, кој јасно порача дека нема намера да се повлече и да му го отстапи местото на пратеник на Алтернатива.

Комисиите се формираат според освоените резултати на парламентарните избори, а не според ситуацијата во даден момент, која може да се менува – рече неодамна Зендели во изјава за Фокус, додавајќи дека власта не треба да бара начин да воспостави контрола во Комисијата, туку да постигне компромис со опозицијата.

Наспроти тоа, од владејачките СДСМ и ДУИ сметаат дека распоредот во силите во сите собраниски комисии, освен во Комисијата за следење на комуникациите, се формира според коефициент кој предвидува дека сите партии и коалиции се пропорционално застапени, додека мнозинството, како и секогаш, мора да го има парламентарното мнозинство.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, кој доаѓа од владејачката НСДП, неодамна ни изјави дека сега парламентарното мнозинство со 64 пратеници нема мнозинство во Комисијата за избори и именувања и други комисии, бидејќи пратеникот на Беса одбива да се повлече, а истовремено пленумот не може да го разреши, бидејќи предлогот за тоа мора да дојде токму од оваа комисија.

Претседателот Џафери на секоја координација се обидува да се надмине ситуацијата, меѓутоа од Беса нема интерес за разговор, а исто така и од ВМРО-ДПМНЕ, ниту за надминување на ситуацијата во Комисијата, ниту пак за договор за кадровски решенија во постоечката ситуацијавели Мисовски.

И покрај тоа што Андов и други поранешни и сегашни парламентарни сметаат дека Џафери има право и да ги свика блокираните комисии, сепак, тој засега одбива да го стори тоа, апелирајќи пратениците и партиите од каде доаѓаат да покажат доблест и да постигнат договор.

В.С.

Поврзани новости