Екс премиерот Никола Груевски денеска не се појави во Апелациониот суд на јавната седница за случајот Тенк, односно за набавката на мерцедесот од 580.000 евра. Седницата беше закажана бидејќи обвинетиот и неговиот адвокатски тим поднесоа жалби на првостепената пресуда, според која Груевски беше осуден на две години затвор.
Во судница не се појави ниту еден од четорицата адвокати на Груевски, поради што јавната седница се одложи за утре.
Груевски и тројца негови адвокати пред судот со писмени поднесоци се оправдале дека мора да присуствуваатна судското рочиште за случајот Насилството во Центар, без оправдување останал еден од адвокатите.
На Груевски и неговиот тим во случајот им оди во прилог одложување на седницата, бидејќи доколку до октомври не биде донесена правосилна пресуда делото против Груевски застарува.
Неодамна тој од Кривичниот суд беше осуден на казна затвор од две години. Доколку до октомври второстепениот суд ја потврди оваа пресуда, тогаш Груевски ќе мора да замине во затвор.