Децата веќе 44 дена без учебници, МОН го уништува образованието, обвини денеска опозициската Алијанса на Албанците и фрли празни ранци пред Министерството за образование.
-Замислете! 44 дена откако децата одат на училиште, а книги нема! Се појавува министерот и ни вели дека книгите, внимавајте, дел од книгите ќе излезат на крајот на октомври или почетокот на ноември, како да зборува за рок концерт или временска прогноза! Исто како гатачи кои гледаат филџани, министерот зборува за образовните науки! Не, господине министер, филџан за кафе не е училиштето на нашите деца! Го правите најголемото злосторство што можете да му го направите на едно општество во време на мир!, рече портпаролот на партијата Арбен Зеќири.
Министерот за образование, Јетон Шаќири уверува дека проблемот со недостатокот на учебници конечно ќе се реши околу почетокот на ноември и дека веќе е одбрана и фирма која што ќе ги печати, односно „Европа 92“, која дала најдобра понуда.
-Веќе кажав, материјалите ќе бидат за првото тримесечје, од другата недела, во наредниот период, како што ќе заврши печатењето на учебниците, како ќе се доставуваат јавноста ќе биде информирана за сите постапки. Ако сакаме да имаме добри и квалитетни учебници, не можеме ниту авторите да ги брзаме во решавање на некои проблеми кои што доаѓаат во процесот на подготовка на тие учебници, рече Шаќири.
Главна пречка во процесот учениците да добијат учебници според министерот Шаќири се административните постапки и моменталните законски процедури за кои во иднина ќе се бара измена и поедноставување на истите.
Токму поради недостатокот на учебници, денеска од Алијансата за албанците демонстративно фрлаа празни ранци пред влезот на МОН, барајќи од министерот за образование што поскоро да се реши проблемот, а доколку тој не може, тогаш да го отстапи местото на некој кој може.
-Негова работа не е да ни раскажува приказни, дека проблемот е стар, туку негова работа е да го реши проблемот. Има истакнати проблеми како насилство во училиштата и тоа е нормално, кога ташните се празни и нема книги, таму ќе има место за ножеви, за наркотици и за други недозволени предмети за училиштата.
Учебниците кои што ќе се печатат во ноември ќе бидат за прво, второ, четврто и петто одделение кои што посетуваат настава по новата програма. За времените материјали што се користат од 1 септември, биле потрошени околу 500.000 евра, за што опозицијата бара одговорност.