Принудени сме да почнеме со времени прекини во реемитувањето на сите телевизиски програми, освен јавниот сервис МРТ од 21 јуни, поради измената на законската и подзаконската регулатива во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, со која на операторите им се наметнуваат неуставни обврски, информираат од А1 Македонија.
„И покрај сите напори, реакции и отвореност за соработка, во интерес на корисниците, состојбата со реемитување на телевизиски канали нема решение туку сѐ повеќе се комплицира. Причината за ваквиот чекор е усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги по скратена и нетранспарентна постапка, без претходна консултација и расправа. Со овој Закон, на сите оператори им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Реемитувањето на програми и авторските права е согласно ЕУ стандардите и е веќе уставно регулирано со закон“, соопштија од А1 Македонија.
Покрај овие законски измени, додаваат од таму, на крајот на мај е донесена Уредба со која законот е надополнет со што на операторите им наментува обврска за пререгистрација на веќе регистрирните странски канали во рок од 60 дена.
„Сите оператори по истекот на овој период, односно на на 08.08.2020 ќе треба да ги исклучат странските канали кои ги реемитуваат, поради регулативата која од една страна бара нивна пререгистрација под нови услови без оправдани причини, а од друга страна бара изјави со кои под морална и кривична одговорност операторите би одговарале за нешто за што немаат законска должност ниту пак моќ да го контролираат. Со оглед на сериозноста на ситуацијата, сметаме дека треба да бидеме транспарентни кон корисниците и јавноста и да алармираме за потенцијалната можност за целосно згаснување на платформите за реемитување на програмските содржини од 8.08.2020 година“, велат од А1 Македонија.
Од таму истакнуваат дека остануваат отворени за соработка. Во таа насока, потсетуваат дека веќе понудиле предлог за измена Законот и на подзаконските акти коj доколку се прифати, сметаат од таму, би се добило прифатливо решение што ќе го превенира потенцијалниот медиумски и информативен мрак.