Најновите податоци за младинската невработеност се доказ дека економската слика во Македонија е далеку од ветувањата на Владата, оцени Маја Серафимовска-Борозан од СДСМ.
Таа се повика на податоците на Евростат, според кои Македонија во вториот квартал од 2026 година има 29 отсто младинска невработеност, што ја позиционира на третото место во Европа.
-Речиси секој трет млад човек од работната сила е без работа. Еве ја третата економија во Европа на Мицкоски – изјави Серафимовска-Борозан, прашувајќи како младите би можеле да купат стан или да изградат дом без сигурна работа и редовни приходи.
Таа предупреди дека парното треба да поскапи за 7,56 отсто, а од 1 јануари е најавено и поскапување на електричната енергија, што, според неа, дополнително ќе го зголеми притисокот врз животниот стандард.
Воедно, ја обвини Владата за лоши економски политики и оцени дека младите и граѓаните се соочуваат со сè поголеми финансиски тешкотии, вклучително и задолжување преку брзи кредити.