Група студенти во Албанија, заедно со експерти од различни области и претставници на дијаспората, го најавија основањето на нова политичка партија наречена „Обединети за Албанија“, објави „Танјуг“.
Студентка, која ја претставуваше групата, изјави дека целта на иницијативата е да ги обедини граѓаните кои веруваат во модел на управување заснован на правда, меритократија, одговорност и транспарентност.
Таа посочи дека иницијативата има за цел да им обезбеди на граѓаните институционална рамка преку која ќе можат да бараат промени.
-Ние не даваме ветувања, туку поставуваме стандарди. Секое наше залагање ќе има мерлива цел, конкретна одговорност, трошок и рок. Јавно ќе го следиме исполнувањето и ќе вршиме контрола. Доколку нешто не оствариме, ќе објасниме зошто и ќе покажеме на кој начин ќе го исправиме тоа – рече таа.
Покрај студентите, во иницијативата се вклучени и професори, како и поединци со искуство во различни професионални области. Во меѓувреме, почна и собирањето потписи за основање на политичко движење.
Претставниците на движењето „Обединети за Албанија“ најавија дека во наредните денови ќе одржат средби со граѓаните во градовите и селата, при што ќе ја претстават иницијативата и ќе ги собираат потребните потписи.
Исто така, најавија и идни јавни настапи, на кои ќе споделат повеќе детали за самата организација и за следните чекори.