Зеленски очекува САД да одредат датум за нова рунда преговори

by irena 18:52
18:52

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека очекува Соединетите Американски Држави да одредат датум за нова средба на преговарачките тимови, која би требало да се одржи во формат со четири страни, со учество на европски претставници.

„Украина направи многу за целосно да ја вклучи Европа во мировниот процес, заедно со Америка, а сега од американска страна очекуваме датум за нова средба“, напиша Зеленски на Фејсбук, по средбата со естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна во Киев.

Зборувајќи за соработката со Естонија, украинскиот претседател напомена дека Цахкна е во посета на Киев по четврти пат оваа година и дека имал можност лично да се увери како руските напади ескалирале во тој период, пренесе „Укринформ“.

Зеленски додаде дека го информирал шефот на естонската дипломатија за нападите врз енергетскиот сектор.

„Русија вложува големи напори во обидот да го уништи нормалниот живот. Затоа, сè што придонесува за нашата стабилност е од големо значење. Разговаравме за помош во енергетскиот сектор, како и за подготовките за Конференцијата за обнова на Украина, која ќе се одржи на почетокот на следната година во Естонија“, изјави украинскиот лидер.

Претходната рунда преговори во трилатерален формат, со учество на Украина, САД и Русија, се одржа во Абу Даби на 10 и 11 ноември, потсети агенцијата.

Главните резултати од таа средба беа договорот за најголемата размена на затвореници и договорот за продолжување на преговорите со учество на европски претставници.

Слични вести