Овој комитет е обврска на државата не само според одредени препораки за безбедноста на новинарите што се наложени од Советот на Европа, туку и според Европската конвенција за човекови права. Според неа, сите држави членки на Советот на Европа, 46 на број, имаат обврска да создадат одредени механизми како новинарите да бидат побезбедни на своите работни места и кога се наоѓаат на задача, го коментира во видео-разговор за „Фокус“ извршниот директор на Здружението на новинарите на Македонија Драган Секуловски, конституирањето на националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите. Поточно, дали неговото формирање е вистински чекор напред во заштитата на новинарите или само исполнување на уште една обврска кон Советот на Европа.
Дава и оценка како овој комитет би се претворил во вистински механизам за нивна заштита, а не некакво координативно тело без никаков ефект во работата.
„Ова е еден модел како да се заштитат новинарите. Речиси 30 земји членки имаат колективни тела за надзор од ваков вид. Нема унифициран пристап – во одредени земји како Грција на пример има работна група за безбедност на новинарите, во Србија конкретно има постојана работна група која со години работо. Она што е важно е тоа, дека оние институции што се релеватни, во случајов фокусот се става на полицијата и на обвинителството заедно со останатите да бидат на иста маса, за кога ќе има некој случај да се следи истрагата, поточно да се следи целиот процес и фазата во која се наоѓа таа директно. Имало случаи на префрлање на одговорноста. Понекогаш знаела полицијата да каже дека вината е кај обвинителството и обратно. Сега кога и ние сме внатре заедно со нив и имаме договор дека заедно ќе работиме, не ќе може таквата (не)координација да биде изговор за доцнење во истрагата за некој случај“, објаснува Секуловски.
Во разговорот Секуловски се осврнува и на тоа колкави се гаранциите од Владата дека ќе нема полтичко влијание во работата на Комитетот, како и колку сериозен проблемот со онлајн заканите, јавните дискредитации и притисоците врз новинарите и особено врз новинарките, како и за тоа каде денес како Здружение ја гледаат најголемата опасност за безбедноста и слободата на новинарите .
Подготвил:
З.Фиданоски