Им се суди на сопствениците на кравите „шетачи“, инспектор од АХВ го сменил сведочењето

by valentina 10:07
10:07

Додека ескалира проблемот со кравите „шетачи“, во судот во Крива Паланка има активен судски процес против сопствениците на кравите, но иако процесот е при крај, се уште нема пресуда.
Поточно, минатата година, Обвинителството поднесе обвинителен предлог против сопственикот на кравите и двете негови ќерки за „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“ согласно член 382 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, осомничените, како соизвршители со сила и сериозна закана спречиле службени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство со полициска асистенција да постапат по правосилно и извршно решение за спроведување мерки за одземање домашни животни – крупен добиток. Во обвинителниот предлог се наведува и дека покрај сите досега преземени активности од голем број надлежни државни органи, осомничените, сепак, подолг временски период го малтретираат месното население и соседите, а сега почнуваат дејствија на спречување и кон вработени во надлежни државни органи и инспекциски служби од Агенција на храна и ветеринарство, како и на униформирани полициски службеници.

Сепак, овој случај сè уште нема судска завршница и се суди пред судот во Крива Паланка. Како што дознаваме, дури еден од инспекторите на АХВ се премислил, па сведочел дека не бил попречен во работата, иако на снимките се гледа сосема спротивното, поради што е можна и преквалификација на кривичното дело.

Во меѓувреме тројца од семејството Ѓорѓиевски добија нова кривична пријава, откако 67-годишна жена од кривопаланечко село пријавила дека била физички нападната и завршила со скршеница.

-На 21.11.2026 во 09:00 часот во ОВР Крива Паланка, Д.Д.(67) од село Дрење, кривопаланечко пријавила дека во село Дрење била физички нападната од Г.Ѓ. А.Ѓ. и А.Ѓ. поради недоразбирање околу крави кои правеле штети, при што и нанеле тешки телесни повреди констатирани во Здравствен дом Крива Паланка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.

Гоце Ѓорѓиевски, бизнисот со крави го почнал пред повеќе од една деценија, и на почетокот немал повеќе од 20. Но, со годините, стадото се размножувало и почнало без надзор да се движи низ околните села. Оттогаш почнуваат проблемите на локалните жители со семејството Ѓорѓевски по што видеа од инцидентите беа објавувани и на социјалните мрежи.

Минатата година, една од сопственичките, Јулијана Ѓорѓиевска ја раскажа и својата страна на приказната. Според неа, проблемот почнува во 2021 година, кога нејзиното семејство како регистриран одгледувач добило забрана за продавање, а обвинителството им ги одзело сите пасоши на кравите поради кривична пријава поврзана со добивањето субвенции за кравите.

-Тогаш бројката беше од 150 до 200, но тие природно се множат сега. Се множат, а не можеш да продаваш, не можеш да земеш субвенции и одиш во колапс, имаш големи трошоци за одгледување. Ние, дневно трошиме по 50 евра за гориво.
Во 2024 година нè обвинија дека немаме доволно простор за чување, а зошто немаме, затоа што имаме забрана да продаваме и државата нè ставила во шах-мат позиција и едноставно веќе немаме контрола на таа стока. Решението на АХВ е за одземање на стоката поради несовесно чување. Тие дојдоа на контрола, ни пишаа парични казни од по 60-70 евра за секоја од нас трите сестри, ја плативме и врз основа на таа казна ни прават решение за одземање имот, иако е прекршочна постапка, не е кривична. Да било кривично, можело да постапуваат, но постапката е прекршочна, појаснуваше косопственичката на стадото крави.

Наместо државата да им најде чаре на 600-те крави што слободно шетаа низ Кривопаланечко, три години подоцна, резултатот е дека проблемот се удвои, односно говедата се размножија и ја надминаа бројката над 1.000. Ситуацијата станува алармантна поради што се бара прогласување кризна состојба и ангажирање на Армијата

Валентина Вурмо

Слични вести