Пишува: Денко МАЛЕСКИ
35 години независност – сеќавања на првиот министер за надворешни работи на Република Македонија
Дента кога го испративме писмото до странските државници со барање да ја признаат независноста на нашата држава и да воспоставиме дипломатски односи, 2 декември 1991 година, сум запишал во белешките, во кабинетот на претседателот Глигоров е одржан подготвителен состанок за идната сесија на Конференцијата за Југославија. Како што прочитавте во претходното продолжение на „Сеќавањата“, со одбивањето на претседателот на Србија, Милошевиќ, да го потпише документот на ЕЗ за создавање сојуз на суверени држави, Карингтон не го означи и крајот на напорот за мир и најави продолжување на Конференцијата. Дипломатски, рече дека фактот што пет од шесте републики се согласија на мир со формирање лабава асоцијација на суверени држави, наложува да продолжиме со работата на Конференцијата до моментот кога и шестата, Србија, ќе стави потпис под документот. Самиот документ предвидуваше односи меѓу поранешните југословенски републики, кои би наликувале на оние на Европската Унија, која ќе се прогласи нешто подоцна во Маастрихт кога Заедницата ќе прерасне во Сојуз. Се разбира, согласноста на сите ќе значеше запирање на војната и нормализација на односите меѓу новите суверени држави, сите претставени во ОН.
Целиот тој напор да се запре крвопролевањето и да се сочува соработката меѓу некогашните федерални единки, пазарот од 20 милиони, безбедноста и благосостојбата на новата асоцијација, која ќе го фати паток кон приклучување кон ЕЗ/ЕУ, беше детално разработен во документот за создавање сојуз на суверени држави и потпишан од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија. Но, отсутвото на Србија од тој список значеше дека разурнувачките етнички војни ќе продолжат. Тоа ни беше јасно на сите, и на Карингтон, се разбира. Сепак, за Македонија немаше веќе чекање на неизвесното финале на Конференцијата: писмото за меѓународното признавање на Македонија, подготвувано во претходните месеци, беше веќе испратено.
СПЕЦИЈАЛЕН СТАТУС
Истиот ден, кај претседателот Глигоров се одржува договорен состанок, како подготовка за седмата пленарна седница на Конференцијата за Југославија, која требаше да се одржи во Хаг во следните денови. Значи, дебатата за документот на Карингтон зад кој стоеја ЕЗ и САД, ја донесов во Скопје. Во моите белешки сум запишал дека на состанокот учествувале Глигоров, Андов, Ксенте Богоев, Тупурковски, Гоце Петрески, Вања Тошевски, Фрчковски и јас. Гледајќи го списокот денес, го забележувам отсуството на припадниците на „националното крило“ во владата, вклучувајќи го и премиерот Кљусев и вицепремиерот Ристовски. Верувам дека тоа не било случајно. Во тие трескавични денови пред одлуката на Арбитражната комисија на Бадентер, кога летав за Хаг и Брисел со владиното авионче и по неколкупати неделно, Глигоров, мислам не сакал да отвори простор за никакво можно опонирање на надворешната политика, која беше под негова контрола. Зашто има тука и една мала предисторија: приказната за група министри што дошле кај него за да изразат незадоволство со работата што ја вршев како министер за надворешни работи. Оттаму, верувам, и стравот на претседателот да ја „прошири“ дебатата, особено со „националистите“ и покана до личниот пријател Ксенте Богоев на нивно место.
Земајќи прв збор, укажувам на нашата јасна позиција за шест суверени држави во лабава асоцијација со консултативни органи и подвлекувам дека документот на ЕЗ почива врз нашата концепција за иднината на народите на Југославија. Со жалење констатирам дека, колку до вчера, се мислеше дека ЕЗ ќе оди на инаугурација на документот, но дека работите се променија. Значи, останува и натаму неизвесноста какви ќе бидат односите меѓу народите на Југославија. Втората тема за која зборувам е статусот на малцинствата во идните суверени држави. Велам дека „делегацијата на Албанците од Македонија во Хаг (на состанокот на Комисијата за малцинства под раководство на германскиот дипломат Герд Аренс) го изнела мислењето дека албанското население од Македонија е дискриминирано во образованието, во вработувањето… и дека се чувствуваат како граѓани од втор ред.“
Како и во секоја демократска дебата, освен поддршката за тоа што е сторено во надворешната политика, која многу често се премолчуваше на сметка на критиката, и во ова „друштво на истомисленици“, препознавам и индиректни полемички реакции упатени, како кон македонската надворешна политика генерално, така и кон решенијата што ги заговарав. Имаше тврдења дека не се зема предвид фактот дека под притисок на ЕЗ, САД и СССР ќе се инсистира на „опстанок на Југославија, но и критика кон концептот за асоцијација на суверени држави наместо да се угледаме на „јасните и категорични ставови на Србија и Словенија.“ Несогласувања имаше и за положбата на албанското малцинство во Македонија. За положбата на малцинствата во идните суверени држави, документот на ЕЗ предвидуваше „специјален статус“, граден врз искуството на германското население во Јужен Тирол, Италија. Од тоа логично произлегуваше дека во националната држава на македонскиот народ, албанското малцинство ќе има „специјален статус.“ Лично мислев дека е тоа добро решение за сите републики во поранешна Југославија, па и за Македонија, но доминантното мислење на состанокот беше дека „Македонија е нешто друго“ и дека нам не ни е потребно такво решение за „нашите Албанци.“ Во националистичките кругови, пак, доминантното мислење беше: „Ова е Македонија, а кому не му се допаѓа, ене му ја Албанија.“
Јас, пак, бев убеден дека Македонија не е „нешто друго“ и дека заедничката болка, изворот на етничките конфликти, на народите во Југославија е мајоризација на мнозинството врз малцинството и отсуството на механизмите потребни да се избегне таа мајоризација. Доказот за ова мое мислење беше пред моите очи: етничкиот состав на луѓето собрани во претседателскиот кабинет за оваа многу важна тема беше одраз на стравот и сомничавоста кон „другиот“, изворот на толку многу војни низ историјата. Доказ наоѓав и во „пријателските“ укажувања, како министер за надворешни работи, од листата на политичарите до кои ги доставував информациите од МНР да ги изоставам имињата на албанските политичари. Фактот дека повремено ќе сретневме албански пратеници од македонското собрание, во делегација на државата Албанија на некои меѓународни собири, исто така не беше во прилог на градење меѓусебна доверба. Но, како и во случајот со македонските „националисти“, Глигоров, верувам, не сакаше да ја шири дебатата и со „албанското прашање“ пред да осигури меѓународно призната македонска држава.
КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ХАГ ЗА ЈУГОСЛАВИЈА
Со претседателот Глигоров патуваме во Хаг на сесија на Конференцијата за Југославија. На дебаклот на мировниот план на лорд Карингтон, кој веќе се наѕираше, се надоврза соборувањето на хеликоптер на ЕЗ на 15 декември 1991 година, во која гинат четри италијански и еден француски набљудувач. Така, состанокот на Конференцијата за Југославија почнува со минута молчење за загинатите во соборениот хеликоптер. Во таква атмосфера, Карингтон го отвора состанокот со претседателите и министрите за надворешни работи на републиките и вели дека „имаме нова ситуација, со можност ОН да испрати сили за одржување на мирот.“ Потоа укажува на „барањето на министрите на ЕЗ за признавање на републиките што ги исполнуваат условите, а рокот е 15 јануари 1992.“ Во продолжение вели дека „Арбитражата на Бадентер ќе ги советува министрите на ЕЗ по тоа прашање.“ Нагласува: „Ова е секако нова ситуација.“ „Не се сретнавме на пленарна седница речиси два месеца, но со амбасадорот Вејнандс ги посетивме сите републики, некои и по двапати, а сега е време да извршиме рекапитулација.“
Туѓман бара „да се запре војната и да се воспостави мир“, да се „формира комисија за правно и економско раздружување.“ Вели: „Поаѓаме од фактот дека Хрватска е веќе признаена и бараме… да почне процесот на сукцесија.“
Глигоров ја поздравува акцијата на Вејнандс (во тоа време холандски амбасадор во Париз и специјален пратеник на министерот Ханс ван ден Брук, кој претседава со ЕЗ) за повторно свикување на Конференцијата. Го поздравува и можното доаѓање на трупи на ОН. Му оддава признание на лорд Карингтон за брзината со која ја свика Конференцијата. Изразува жалење за соборувањето на хеликоптерот на набљудувачката мисија на ЕЗ.
СТАВОВИ И БАРАЊА
Изетбеговиќ ја поддржува „иницијативата за соработка меѓу идните држави.“ Зборува за „граници на Босна и Херцеговина отворени кон Србија и кон Хрватска, кои би се минувале без пасоши.“ Бара од идните држави „што ќе се формираат тука да нè поддржат.“ Вели дека „БиХ е мултикултурна и мултинационална држава, па тешко се снаоѓа во ерата на национализмот…, а постои и опасност да се растури и да исчезне.“ Обраќајќи им се на присутните, вели: „Тукушто добив информација дека е во тек нелегален состанок на српското собрание, кое би прогласило српска република… Следи, се разбира… Хрватска… па муслиманска.“ Завршува со молба: „Ве молам да ја поддржите Босна и Херцеговина вербално или како било, за да станеме зона на стабилност…“.
Булатовиќ смета дека треба да „има прекин на огнот“, го поддржува ангажманот на ОН и го поздравува продолжението на Конференцијата за Југославија. Укажува дека „на документот на лорд Карингтон, ние дадовме начелна согласност, со резерви.“ Во врска со положбата на Србите во Хрватска и во БиХ, смета дека „меѓународното признавање на републиките треба да дојде на крајот од процесот.“ „Да се остане во асоцијација како услов за независност“, вели како задоцнето ехо на минати дискусии.
Милошевиќ зема збор. Вели: „Длабоко сме потресени од трагедијата на хеликоптерот…“. „Конференцијата се одржува во време кога се прават вистински чекори кон траен мир.“ Му упатува комплименти на господин Сајрус Венс, пратеникот на генералниот секретар на ОН, Бутрос Гали. Вели: „Секогаш сме верувале дека само со дијалог е можно решение.“ Изразува мислење дека „оваа конференција мора да почне од почеток.“ Изразува „разочарување од ЕЗ, која ги прејудицира работите со признавањето…“, вели „постоењето на Југославија како држава, не може да биде во надлежност на други.“ Се повикува на Брионската декларација дека во рацете на југословенските народи е да ги решат своите проблеми…“. Бара „независноста да се одложи до крајот на Конференцијата во рамките на едно генерално решение.“ Вели: „Конференцијата нема да напредува ако сите опции и интереси не се почитуваат.“ Заклучува дека „без непристрасната и принципиелна улога на ОН и на Сајрус Венс, немаше да се свика продолжение на Конференцијата…“.
Кучан вели дека „не се согласува дека ангажманот на ЕЗ бил лош.“ Изразува жалење за трагичниот настан што е предизвикан од ЈНА“ и упатува сочувство во име на Словенија. Вели дека „овој акт е директен напад врз мирот…“. Ваквите настани, вели, можеа да се предвидат бидејќи „нема ембарго на оружје врз ЈНА, а Аџиќ го замени Кадијевиќ.“ Вели дека „признавањето на републиките е првиот чекор кон постигнување мир… и секоја од нив треба да ја земе одговорноста пред меѓународната јавност…“. Залагајќи се и натаму сите да останат во „мировниот процес“, Кучан вели дека се заинтересирани Конференцијата да успее. Вели дека „и по 15 јануари (кога Арбитражната комисија на Бадентер ќе го објави своето правно мислење), Словенија ќе присуствува на Конференцијата и „ќе бара полно меѓународно признавање.“ Изразува поддршка на ставот на Бадентер дека „Југославија се распаѓа врз основа на волјата на нејзините народи.“ „Ако тоа се реши, сегашната војна ќе се трансформира во борба за економска соработка во Југославија и пошироко во Југоисточна Европа.“ „Потребен е мир и реконструкција, а кога ќе бидеме суверени држави, таква соработка ќе следи“, завршува Кучан.
ЗАКЛУЧОКОТ НА ЛОРД КАРИНГТОН
Претседавачот лорд Карингтон го дава заклучниот збор. „Гледам дека сите се за продолжување на Конференцијата, но да ја погледнеме реалноста в очи. А реалноста е дека на 15 јануари 1992 година, дванесеттемина рекоа дека ќе ги признаат оние републики што го сакаат тоа. Тоа ќе го сторат, без оглед на мислењето на Милошевиќ и на Булатовиќ. Тоа е тоа што го имаме и да се соочиме со фактот. Министрите на ЕЗ ги наведоа условите и нема да ги менуваат критериумите. Затоа, јас се прашувам како оперативно да продолжиме. Ако на 15 јануари се измени статусот на еден број републики и тие станат независни држави, а не дел од Југославија, треба да одлучиме:
- Дали сме задоволни со положбата на малцинствата во тие републики?
- Која е позицијата на секоја република по прашањето за економската соработка, меѓусебна и со центарот?
- Каков институционален аранжман сакаат (сакаат, не сакаат, делумно сакаат)?
Значи, во групите ќе има работа. Постои и четврти проблем – последиците од дисолуцијата и што станува со наследството. Предлагам да се свикаат трите работни групи и да ни рапортираат…“.
Зборувајќи за идниот ангажман на светската организација, Карингтон вели дека „ако ОН доведе 10.000 луѓе, нема да ги остави таму како ангажман на кој не му се гледа крајот, таков проблем има во Кипар и не би сакал нашиот проблем да трае толку долго.“ Вели дека „сите ние ќе бидеме под притисок на ОН да продолжиме со конференцијата и да расчистиме со заостанатите работи.“ Заклучувајќи дека „сите проблеми се решливи“, Карингтон заклучува дека „по 15 јануари, можеби ќе треба да формираме уште една работна група – за сукцесија.“ Предлага да не се состануваме пред да знаеме во кој статус ќе седнеме околу масата. Јас би информирал утре во ЕЗ дека сакате Конференцијата да продолжи. Најважно на оваа конференција е да се одржува постојан контакт меѓу вас. Затоа, користете ги средбите во Брисел.“
Потоа, карактеристично за неговиот хумор, лорд Карингтон се поднаведнува кон микрофонот и прашува: „Дали е некој против?“ И со видлива доза на иронија констатира: „Нема ентузијазам, нема несогласување.“
(Продолжува)