Власта ги изгласа криминалните измени на Законот за јавни набавки, отворајќи дополнителен простор за корупција и сомнителни зделки и дилови – коментираат од опозицискиот СДСМ откако вчера парламентарното мнозинство во Собранието ги донесе измените на Законот за јавни набавки.
Со законските измени, велат од СДСМ, наместо поголема транспарентност и заштита на народните пари, власта си омозвожува набавки без тендер на драстично поголеми суми и тоа до 25 000 евра за стоки и до 120 000 евра за градежни работи. Според опозиционерите, на овој начин повеќе народни пари ќе се трошат без отворена конкуренција, со поголем ризик договорите да завршуваат кај однапред избраните фирми.
Посочуваат дека со измените дополнително се брише обврската за задолжителна согласност од Бирото за јавни набавки за постапките со преговарање без објавување оглас, а многукратно се зголемуваат и надоместоците за поднесување жалби, што според СДСМ, ќе ги обесхрабри фирмите да пријавуваат неправилности.
„Значи, ги зголемуваат износите за набавки без тендер, а ја отстрануваат контролната пречка за договорите во четири очи. Ова се прави на штета на граѓаните и во интерес на бизнисите на Мицкоски, неговата Организирана криминална група и неговите сателити. Пораката на власта е јасна – функционерите полесно да договараат дилови во четири очи, фирмите потешко да се жалат. Криминалната власт ги протурка криминалните измени на законот“, велат од СДСМ.
Со 63 гласа „за“ и 20 „против“, вчера во Собранието беа изгласани измените на Законот за јавни набавки. Пред два дена пратениците од мнозинството го усвоија амандманот за бришење на членот 13 од предлог-законот, поради кој претходно претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го потпиша указот за негово прогласување.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пред неколку дена изјави дека власта ќе го тргне членот од Законот за јавни набавки што го оспори Сиљановска-Давкова за да ги заобиколи над 2 000 амандмани што ги поднесе партијата, а кои беа поднесени за блокирање на законот, кој според нив, има повеќе спорни елементи.