Унгарските власти запленија 19,5 милиони долари во истрага против министер од владата на Орбан

by irena 10:37
10:37

Унгарските власти соопштија дека заплениле готовина во вредност од 19,5 милиони долари, дел од нив закопани во шума и скриени на други места, во рамки на истрага против поранешен министер во владата на Виктор Орбан.

Во фокус на истрагата е Миклош Шештак, министер за национален развој на Унгарија во периодот од 2014 до 2018 година, кој е осомничен за примање мито и провизии во износ од над 37,2 милиони долари, поврзани со набавки на возила за државната автобуска компанија, како и со државни градежни проекти.

Националната канцеларија за поврат и заштита на средства на Унгарија соопшти дека во дводневната акција во Будимпешта и три унгарски оркузи открила големи количини готовина закопани во шума, скриени во земјоделски објекти, магацини и станбен имот, како и во скап сеф на скриена локација. Канцеларијата, која неодамна беше формирана од новата унгарска влада, на социјалните мрежи објави и видео од акцијата, на кое се прикажани пронајдените пари, како и истражителите кои со лопати копаат во земја, најверојатно во шума, во текот на ноќта.

„Вкупниот износ на готовина пронајдена за време на дводневниот претрес изнесуваше 5 071 632 000 форинти, 2 658 350 евра и 1 257 100 американски долари“, соопшти Националната канцеларија за поврат и заштита на средства на Унгарија.

Запленетите средства се префрлени во државната каса на Унгарија.

Слични вести